По пратениците, сега и членовите на Државната изборна комисија (ДИК) ќе добијат скапи таблет компјутери. Интересно, но оваа набавка не помина без сомнежи околу правилноста. Како што пишува МКД.мк првичната проценка беше да се одделат 255.000 денари за таблет компјутерите, но таа сума сега е двојно зголемена. По повторена постапка потпишан е договор за набавка со Адванс медија во вредност од 528.000 денари без ДДВ. Тоа значи дека секој од дванаесетте члена на ДИК ќе добијат нов уред вреден 44.000 денари, или 713 евра. Повторената постапка е направена бидејќи во првичната биле забележани недостатоци и пропусти во првиот тендер, пренесува МКД.мк.
Што ќе прават членовите на ДИК со скапи таблет компјутери ќе остане нејасно, барем засега? Таблет компјутерите работат на различни оперативни системи од десктоп компјутерите кои ги користи администрацијата, на Android, на iOS и на Windows 10. ДИК претходно потроши 291.707 денари за десктоп компјутери. Сите 12 таблет компјутери кои ќе бидат користени за потребите на ДИК – а ова се однесува и на таблет компјутерите наменети за пратениците – ќе мора да бидат од иста класа и со ист оперативен систем бидејќи секој ОС користи различни апликации.
Бидејќи се работи за државни институции, овие уреди и апликации ќе мора да бидат одржувани за да се намалат безбедносните ризици. Синхронизацијата помеѓу уредите, апликациите и документите е комплексна и важна точка за дискусија, за да може овие таблет компјутери да бидат искористени правилно, посебно кога се во прашање државни службеници кои се одговорни за најголемиот демократски процес во Македонија.
Но, тоа што може да се заклучи во моментот е огромната разлика во привилегија кон членовите на ДИК и пратениците, наспрема социјално загрозените студенти кои добија ваучери од само 8.000 денари за таблет компјутер. Иако за 8.000 денари може да се купи солиден таблет компјутер, сепак за 713 евра може да се купат најдобрите – iPad Pro или Microsoft Surface. И тоа, за жал не е фер, бидејќи студентите навистина ќе ги користат своите уреди.