Во време кога стравот од депортација во САД е сè поприсутен, особено по затегнатите имиграциски политики, имигрантите бараат нови начини да се заштитат. За среќа, се појавуваат иновативни дигитални алатки, и постоечки апликации кои им помагаат да избегнат депортации и подобро да се снаоѓаат во сложениот имиграциски систем. Овие дигитални алатки стануваат сè поважни во време кога стравот од депортација е сè поприсутен во имигрантските заедници.
Тензии во Лос Анџелес
Викендов сме сведоци на неколкудневни протести против имиграциските политики во Калифорнија. Во Лос Анџелес, ситуацијата дополнително се влоши со распоредувањето на Националната гарда на САД. Претседателот Доналд Трамп нареди 2000 припадници на Националната гарда да бидат испратени во Лос Анџелес и Калифорнија по два последователни дена судири меѓу демонстрантите и имиграциските власти. Повод за протестите беа апсењата на недокументирани имигранти во Лос Анџелес, при што агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) приведоа десетици лица.
Иако администрацијата на Трамп го оправда распоредувањето на Гардата со наводно „избегнување од одговорноста“ на демократските лидери во Калифорнија, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја нарече одлуката „намерна провокација“, предупредувајќи дека тоа само ќе ги влоши тензиите. Овој чекор, заедно со заканите за мобилизација на активни војници, ја покажува сериозноста на ситуацијата и зголемениот притисок врз имигрантските заедници. Проценките се дека речиси 10 отсто или 1милион од жителите на Лос Анџелес се недокументирани имигранти.
Технологијата како средство за помош
Набрзо по мерките за враќање на имигрантите и започнување со рациите на ICE се зголеми популарноста на дигиталните алатки кои им помагаат на недокументираните имигранти. Апликации како „Hack Latino“,покрај другите функционалности нудат мапа на локации на кои има рации на ICE, предупредувајќи ги корисниците за присуство на имиграциски патроли во реално време. Оваа апликација, создадена од Адријан Лозано Џуниор, им помага на над 30 000 корисници да бидат безбедни. Слично на неа, дигитални алатки како „Stop ICE Alerts“ функционираат како модерни верзии на поранешните „улична стража“. Дополнително овие апликации имаат и предност на известување во моментот.
„Кога ќе биде забележана рација, [прво] се објавува известување на Facebook, се започнува видео во живо или се споделуваат предупредувања во WhatsApp или Signal групите. Овие предупредувања, често објавувани на профили на друштвените мрежи, потоа се прикачуваат на апликации кои обезбедуваат ажурирања за движењата во заедницата или известуваат за промени во политиката што би можеле да влијаат врз оние што живеат во овие населби.“, вели Педро Риос од American Friends Service Committee за Rest of World.
Поддршка пристигна и од државите од кои потекнуваат некои од имигрантите. На пример владата на Гватемала ја објави „ConsulApp Guate“. Апликацијата го дигитализира пристапот до конзуларни услуги и овозможува побрз одговор во итни случаи, како што се апсења од ICE. Мексиканската влада ја лансираше „ConsulApp Contigo“. Апликацијата е наменета да ги направи конзуларните услуги подостапни и досега е преземена над 100 000 пати. Апликациите им овозможуваат на конзулатите брзо да ги контактираат членовите на семејството во случај на апсење. Ова е важно за да може да се интервенира пред да се финализира депортацијата.
И покрај нивната корисност, употребата на овие апликации не е без ризици. Организациите кои стојат зад нив се соочуваат со сѐ поголем притисок и правни предизвици. На пример, во Тексас, новите закони дури и го прават нелегално помагањето на имигрантите.
Поради тоа, приватноста и безбедноста станаа клучни аспекти во дизајнот на повеќето апликации наменети за мигранти. Некои организации дури и ги повлекоа своите апликации, како што е случајот со „Notifica“ од „United We Dream“. Тие ја исклучија апликацијата бидејќи повеќе не можеа да ја гарантираат безбедноста на комуникациите на корисниците. Апликацијата „RefAid“ која ја користат илјадници непрофитни организации во 41 земја, засега останува достапна, но значително ги намали своите операции во САД.
Нови предизвици за имигрантите
И покрај сите овие предизвици, потребата за вакви апликации останува голема. Владата на САД наводно ангажира компании кои можат да ги идентификуваат корисниците што објавуваат информации за имиграциски рации. Поради ова дел од податоците сè повеќе се споделуваат преку канали кои поретко се следат. Тоа вклучува слики и пораки преку WhatsApp. Ова ја покажува постојаната борба и можноста за адаптација на имигрантските заедници во нивната постојана потрага по безбедност и заштита.







