Овој текст е дел од серијалот it.mk/2025 – Што ја одбележа 2024, а што нè очекува во 2025?, каде што консултираме експерти во своите области да ги кажат своите размислувања и очекувања.
Во 2024 година дигиталниот маркетинг наиде на значајни иновации во користењето на вештачка интелигенција. AI стана клучен инструмент во автоматизацијата на кампањите и персонализацијата на корисничкото искуство, што овозможи компаниите да креираат многу потаргетирани и поефективни маркетинг стратегии.
Платформите за рекламирање Google Ads и Facebook Ads веќе на големо ги користат AI и машинското учење за оптимизација на рекламирањето, преку анализа на корисничко однесување и демографски податоци. Колку од ова им помогна на компаниите кај нас, и кои се очекуваните трендови во 2025, разговаравме со Ива Дујак Ѓурѓиќ, Основач & CEO – MOVEMENT Marketing Agency, Митко Андонов, EON1 Marketing, и Наташа Велковска, Директор за ПР и креирање соджина, Represent Communications.
Што ја одбележа 2024 во дигиталниот маркетинг?
Ива: Сите сме веќе „истренирани“ првиот одговор да биде AI. :) Употребата на вештачка интелигенција за креирање на содржина, персонализација, иницирање на продажба станува сѐ поинтензивна и верувам дека уште некое време ќе го одбележува дигиталниот маркетинг, а воопшто и севкупното дигитално работење.
Покрај AI, она што мене најмногу ми се допадна е засилениот фокус кон органски содржини. Повеќе простор за помали креатори и брендови, поголема шанса за креативноста и приказните кои реално имаат со што да привлечат внимание. Искрено навивам овој тренд да продолжи.
Митко: Овој период дигитализацијата е главна тема. Поголем број на компании во Македонија стануваат свесни дека мора да се качат на возот, иако е и малку доцна. Светот ќе го промени победникот во трката за развој на AI. Вторите и третите ќе пливаат некако. Оној што не започнал со дигитализација, нема ни да почне, ќе замине во историјата.
Наташа: Вештачката интелигенција и автоматизацијата беа во центарот на вниманието подобрувајќи ја ефикасноста на многу маркетинг процеси и операции. Доминираше краткиот видео формат, особено на платформи како што се TikTok и Instagram Reels, а локално видовме и експанзија на podcast форматот. Се почувствува и извесно поместување од all in на перформанс кон повеќе играње на бренд особено со автентични и на вредности базирани маркетинг наративи. Ова мислам дека допрва ќе го гледаме во 2025 со раст на organic social и побарувачката за CGC и EGC. Глобално експлодираше personal brand, локално ова е тренд во најава кој очекувам дека во 2025 ќе доминира.
AI во дигитален маркетинг – friend or foe?
Ива: BFF :) Супер поддршка и олеснување на некои работи кои немаш како да ги направиш (или баш не ти се прават во моментот). Веќе е од голема помош, а верувам дека и во иднина, колку подобро научиме да го насочуваме, толку поцврсто ќе станува пријателството.
Митко: И friend и foe. Friend бидејќи помага за финализирање на добро дефинирана идеја, правописно, граматички точно. И за генерирање на идеи, предлози, давање насока во кој правец да се размислува. За другиот дел мора да се има искуство и знаење.
Foe бидејќи делумно може да ја уништи креативноста. И првично ќе надојде бран на замена на работни позиции, професии и ќе нѐ присили сите да сме спремни за преквалификација и/или да станеме дел од IT светот, каде IT ќе ни биде колега за све.
Наташа: Вештачката интелигенција се покажа како сојузник, асистент, мотиватор, истражувач на сите во дигиталниот маркетинг. Она што можеби најмногу ме радува се новите можности за автоматизирање на рутински задачи, оптимизација на таргетирањето и персонализација на искуства за клиентите. Алатките како што се четботови базирани на вештачка интелигенција очекувам да ја револуционизираат корисничката поддршка, а со напредна дата анализа и градење на модели за прогнозирање на однесувањето на потрошувачите значително да се зголеми ефективноста на дигитал маркетинг кампањите. AI повеќе ја гледам како пријател што не значи дека не прави проблеми особено во доменот на IPR и со создавање на куп генеричка (блуткава) содржина.
Дали имаше некои неочекувани предизвици во текот на годината и како се справивте со нив?
Ива: Не можам да кажам дека е премногу неочекувано, но дефинитивно како голем предизвик можам да ја издвојам брзината која беше неопходна за пренесување на фокусот од employer branding кон комплетна sales комуникација кај поголемиот дел од големите компании, особено во IT секторот.
Доаѓа како логичен след на сѐ што се случува на пазарот во регионот и пошироко, но интензитетот кој беше неопходен да се воведат сите измени, да се постават нови комуникациски столбови и да се промени целосниот пристап во комуникацијата беше навистина интересен предизвик.
Митко: Тежок е процесот на обука на нов кадар. Никој нема трпение. За искуство треба 2-3 години, а во тоа време пребрзо се променуваат правилата на игра. Мора да научиме да учиме.
Наташа: Можеби адаптацијата кон промените во дигиталната приватност, како што е phasing out of third-party cookies. Процесот на прилагодување ќе подразбира развој на креативни стратегии за користењето на first-party data и инвестираа во AI технологии. Друг предизвик е безбедноста на податоците и дигиталните assets. Се справуваме со секојдневно учење и експериментирање и по некој излив на бес. :)
Кои алатки и стратегии беа најкорисни во 2024 година за зголемување на ангажманот и конверзиите?
Ива: Ако зборуваме за локалниот пазар, воопшто стратегиите како такви за нас ја одбележаа 2024та. Многу ми е драго што сѐ поголем број на мали и средни компании ја сфатија важноста на добро поставена комуникациска стратегија и започнаа да вложуваат во долгорочен развој на нивните брендови. Фокусот кај повеќето беше на развој на квалитетна содржина и нејзина ефикасна дистрибуција во насока на продажба, па би рекла дека квалитетниот, издржан content беше една од најбараните алатки, со подеднаков фокус на B2B и B2C комуникација.
Кај оние кои веќе функционираат стратешки, сериозно се почуствува голем B2B и директно-продажен фокус во комуникацијата. Светските случувања и трендови направија годинава многу повеќе да се фокусираме на развивање и зацврстување на продажна комуникација отколку градење на имиџ или свесност за брендовите.
Митко: Ние сѐ уште правиме ислучителни резултати со Facebook/Instagram (Meta Ads). Дефинитивно видео е форматот кој носи најмногу резултати.
Наташа: Ако сумираме што сѐ во Represent Communications Macedonia изреализиравме и видовме како резултат од кампањите на клиентите може да заклучиме дека најдобро перформираа кампањите со инфлуенсери и содржината генерирана од вработените.
Кои се твоите очекувања за 2025? Какви трендови во дигиталниот маркетинг може да земат замав?
Ива: Она на кое најмногу се радувам и надевам е едно ново ниво на персонализација во комуникацијата помеѓу компаниите и нивната публика. Тука веќе не зборуваме само за содржини кои се базирани на таргет персона и нејзини интереси, туку комплетно искуство, од прв контакт до продажба и лојалност, креирано за конкретниот корисник. AI веќе ни овозможува огромна поддршка од аспект на собирање, обработка на податоци, а потоа и персонализирање, верувам дека 2025 е вистинско време да го дадеме човечкиот инпут кој недостасува и да креираме драстично подобри продажни искуства.
Уште еден интересен тренд кој веќе започна, а верувам дека и понатаму ќе расте во следната година е природна, „raw“ содржина креирана од страна на тимовите на компаните. Годинава на свестко ниво се издвоија многу, а и кај нас неколку локални компании кои развија масовно онлајн присуство и продажби баш преку овој пристап, со контент креиран од страна на нивните вработени, односно Employee Generated Content. Верувам дека EGC (на страна од многуте кринџ примери) има голем потенцијал ако се спроведе правилно.
На локално ниво, 2025 е година во која голем дел од компаниите кои со време го фатиле бранот на дигитализација веќе имаат простор да навлегуваат во дигитална зрелост. Моја голема надеж и апел до целата индустрија е да се престане со промовирање на дигитализацијата како нешто ново и иновативно, и да се започне со сериозно пристапување на многу попрецизно мерење и користење на дигиталните алатки во полза на компаниите и нивните клиенти. Верувам дека така многу подиректно ќе ја прикажеме неопходноста и бенефитите, дури и за оние кои сѐ уште не се дигитализирани, истовремено издигнувајќи го на многу повисоко ниво дигиталниот маркетинг кај нас.
Митко: Очекувам 2025 да биде година на драстично поголеми инвестиции во Ads. Подолго време советувам дека треба да се искористи моментот кога цените за реклами во Македонија се сѐ уште поволни. Западните пазари се веќе прескапи и потешко се стигнува до резултати. Македонците се радуваат на влегувањето на светски брендови, тоа не е добро за домашните компании.
Наташа: Очекувам компаниите сѐ повеќе да инвестираат во содржина генерирана од креатори но не во насока на инфлуенсерски соработки туку во насока на добивање на содржината наменета не за каналите на креаторот туку за каналите на компанијата.
Во 2025 очекувам да продолжи доминацијата на краткото видео, и ќе биде многу полесно да се креира со помош на AI алатките. Е сега наспроти олеснетата продукција сѐ потешко ќе станува да се избориш за вниманието на публиката, креативноста ќе биде сѐ поценета.
Пребарувањето, особено discovery, се сели на TikTok, Youtube, Perplexity, ChatGPT Search. Градењето личен бренд во насока на реализација на компаниските бизнис цели ќе станува уште поважно. Автентичност и забава ќе се бара од содржината и кога темите се ESG, employer branding, општествена одговорност и комуницирање на вредности.
Како ќе изгледа “front page” на Google/Bing следната година?
Ива: Ако TikTok не ги претрка во меѓувреме како најпопуларен пребарувач, верувам дека ќе има поголем фокус кон поквалитетно корисничко искуство. Не само од аспект на препознавање на AI содржини, туку и попрецизни препораки врз база на потребата на корисникот.
Во насоките за оптимизација сѐ повеќе наведуваат фокус на транспарентно авторство, на реална вредност за публиката базирана на анализа на податоци, па се надевам дека во следната година ќе се применат овие насоки и ние како корисници ќе добиеме многу поквалитетни избори.
Митко: Здраво Митко, јас сум твојот личен агент кој ќе ги комплетира твоите планови. Паметам сѐ што си пребарал до сега. Што можам да направам за тебе?
Наташа: Веројатно Google и Bing ќе се стремат кон поголема персонализација, кон користење на напредна вештачка интелигенција, сѐ почесто ќе нудат видео содржини меѓу најрелевантните резултати базирани на претходните интеракции на корисниците. Брендовите ќе треба да ги адаптираат своите стратегии за SEO за да се оптимизираат за новите формати на пребарување кои се потпираат на природен јазик за да се осигураат дека ќе се појавуваат во резултатите од пребарувањата на AI платформите.