Џеф Вогел од Spiderweb Software: Триесет години во подземниот свет на Avernum

во Интервјуа

Mалку имиња имаат тежина како Spiderweb Software. Со децении, овој мал тим, предводен од основачот Џеф Вогел, создава огромни, комплексни светови кои ги воодушевуваат фановите со длабочината на приказната и слободата на избор. Една од нивните најпознати саги е Avernum, серијал кој ги носи играчите во огромен подземен свет полн со опасности, интриги и авантури.

По повод најавениот римастер на класикот Avernum 4, Avernum 4: Greed and Glory, имавме ексклузивна можност да поразговараме со самиот Џеф Вогел. Низ разговорот, се нурнавме длабоко во историјата на серијалот, предизвиците на модернизацијата и филозофијата зад создавањето на епски RPG искуства.

Сагата Avernum има длабоки корени, кои датираат уште од 1994 година. За да го подобро разбереме римастерот, моравме да се вратиме во минатото и го запрашавме Џеф која беше оригиналната инспирација за создавање на овој подземен свет и како таа визија еволуираше низ годините.

„Avernum произлезе од нашата најпрва игра, Exile: Escape From the Pit, која ја направивме во 1994 година. Всушност, Avernum е името на римастерот за Exile,“ објаснува Вогел. „На многу начини, тоа беше едноставна игра, но сите основи на раскажување приказни кои ги проширивме во следните 31 година беа цврсто поставени. Avernum е подземна нација. Целата игра се одвива во подземен свет од бајките, составен од тунели, пештери и габични шуми. Во првата игра, тоа беше затвор. Суровата Империја од површината таму ги испраќаше незадоволните и ситните криминалци. Вие игравте како затвореници во Avernum, борејќи се за опстанок. Имаше многу мали инспирации за оваа поставка. Стари D&D модули. Краток расказ од Роберт Силверберг. Книгите на Џулијан Меј. Но, главно сакав да ја рекреирам радоста што ја чувствував играјќи ги најстарите RPG игри од 1980-тите.“

Пренесувањето на таква класика во модерната ера сигурно носи свои предизвици. Го прашавме кои беа најголемите технички пречки при модернизирањето на игра оригинално објавена во 2005 година и дали мораа да ја градат од темел.

„Нашите игри речиси секогаш користат еволуирани верзии на истиот енџин што го користиме со децении,“ вели тој. „Секоја нова итерација е помазна, има подобри перформанси, подобар интерфејс, подобри визуелни ефекти. Ретко кога целосно го преправаме енџинот, и тоа секогаш е огромно искушение кога го правиме тоа. Оригиналната игра од 2005 година беше навистина голем технички предизвик за нас. Огромен, повеќеслоен беспрекорен свет. Целосен енџин за скриптирање. Некои прилично напредни работи за тоа време. Сепак, откако го направивме еднаш, беше многу лесно да го направиме повторно сега.“

Кога се работи на римастер, често се поставува прашањето што е задржано, а што е отфрлено од оригиналот. Одговорот на Џеф беше изненадувачки и охрабрувачки за сите фанови на серијалот.

„Не отфрливме ништо. Додадовме МНОГУ,“ нагласува Вогел. „Главниот проблем со Avernum 4 од 2005 година беше тоа што пишувањето на енџинот беше толку технички напорен процес што не ми остана доволно време за приказната. Дијалозите и мисиите беа недоволно развиени. Затоа, главната промена сега е што вложив многу време додавајќи мисии, градови, фракции и разгранети приказни. Навистина сакав да го збогатам светот и да го направам да се чувствува подетален и реален.“

Светот на Avernum е познат по својата мрачна атмосфера, но и по црниот хумор. Зад сето тоа стои комплексен креативен процес за кој го прашавме Џеф, особено како го балансира тонот помеѓу сериозните мисии и хуморот.

„Имам доживотна фасцинација со граѓанското општество, политиката и воената историја. Кога пишувам приказна, голем дел од тоа е размислување: ‘Што сакаат луѓето овде? Што прават за да го добијат тоа? Како ќе биде вклучен играчот? Дали ќе успее?’ Играта потоа произлегува од одговорите на овие прашања. Тонот на која било област доаѓа од овие прашања и нивните одговори. Понекогаш одговорите се надреални. Понекогаш смешни. Понекогаш трагични. Приказната сама ќе ми каже каков треба да биде нејзиниот тон.“

Гледајќи наназад на целиот процес на развој, секој креативец има моменти на гордост, но и неочекувани предизвици. Го прашавме Џеф за одлуката на која е особено горд, но и за најголемиот предизвик со кој се соочил.

„Кога почнавме да правиме Kickstarter кампањи пред 5 игри, им дозволивме на поддржувачите од повисок ранг да креираат ликови, магични предмети и нацрти за мисии за нас. Ова продолжи да биде огромен успех како експеримент. Ограничувањата да морам да ги користам рамките што ми се дадени, прават многу за да ја поттикнат мојата креативност. Некои од најзабавните, најинтригантните делови од новата игра доаѓаат од тоа што ги добив овие уникатни приказни од поддржувачите, а потоа ги обликував и ги приспособив во нешто што се вклопува во мојот специфичен свет.“

Сепак, патот не е секогаш лесен. „Најголемиот проблем беше едноставно исцрпеност,“ признава тој. „Јас сум стар човек. Животот станува сè понапорен. Пишувањето на оригиналниот Avernum 4 беше интензивно исцрпувачко. Целата работа што ја вложивме во овој римастер го направи и овој процес исцрпувачки. Речиси целата работа во оваа игра ја завршив сам. Јас сум развивач-самотник, што има свои предности и недостатоци. Правам најдобро што можам со ограниченото време и енергија што ги имам.“

Со децениско искуство зад себе, Џеф е во совршена позиција да понуди совет на амбициозните инди-програмери кои сонуваат да создадат свои епски RPG игри.

„Консумирајте медиуми. Играјте секој RPG што ќе ви дојде до рака и внимателно анализирајте што функционира, а што не. Но потоа ЧИТАЈТЕ. Читајте фикција. Читајте не-фикција. Читајте приказни. Научете што прави една приказна добра, јасна и задоволувачка. Научете какви чудни, прекрасни суштества се луѓето и како најдобро да ги опишете. Постојат многу медиуми во кои може да се раскажат одлични приказни, но подготовката за тоа не се менува.“

На крајот, што е тоа што го мотивира да продолжи да создава во светот на Avernum по толку многу години? Одговорот беше освежувачки искрен и приземен.

„Како што секогаш велам кога ќе ми го постават ова прашање, стравот од губење на куќата прави чуда за фокусирање на умот. Јас сум стар борец, професионалец, закоравен платеник. Се обидувам да заработам пари за да го издржувам моето семејство и да се пензионирам. А сепак, сè уште сум опседнат со игри. Фасциниран сум од игри и загатки уште од градинка, кога цртав лавиринти сам во мојата соба откако ќе се вратев од училиште. Правењето на ова е принуда. Принудите не се забавни, но можат да бидат задоволувачки. Јас сум некако создаден за оваа работа.“

Разговорот со Џеф Вогел беше потсетник дека зад секоја голема игра стои огромна страст, напорна работа и длабоко човечка приказна. Додека го чекаме новиот римастер, едно е сигурно: светот на Avernum е во добри раце, водени од комбинација на професионална должност и доживотна опсесија.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments