Katanaut е наслов кој има за цел да спои брза акција инспирирана од Metroidvania игрите, со тензичната природа на таканаречените souls-like битки, воведувајќи ја, притоа, во миксот и непредвидливоста која произлегува од roguelite жанрот. Сместена на огромна вселенска станица зафатена од хаос, Katanaut ве става во улога на единствениот преживеан кој мора да ја открие мрачната тајна зад катастрофата што ги претворила нејзините жители во извитоперени суштества.

Како Naut, вашата задача е да истражите вселенска станица која полека се распаѓа. Атмосферата е еден од најсилните адути на играта, исполнувајќи го секое напредување низ мрачните, треперливи ходници со чувство на неизвесност и космички ужас. Како што навлегувате подлабоко, околината станува сè помрачна и понепријателска, а непријателите сè помалку наликуваат на луѓе, претворајќи се во кошмарни суштества. Оваа постепена трансформација успешно допринесува до исклучително напната ситуација, целосно потопувајќи ве во уникатниот свет на Katanaut.

Katanaut се истакнува со хибриден пристап кон гејмплејот. Од една страна, ја имате борбата која немилосрдно бара да сте брзи, прецизни и да имате одлични рефлекси. Инспирацијата од souls-like игрите се гледа од самата потреба за стратешко движење, избегнување на напади и пронаоѓање на вистинскиот момент за (контра)напад. Меѓутоа, за разлика од поспорото темпо на тие игри, Katanaut удира силен акцент на брзината, резултирајќи со динамични и адреналински судири. На располагање имате арсенал од оружја за блиска борба, огнено оружје и специјални способности кои наликуваат на магии, овозможувајќи создавање на различни комбинации и стилови на игра.
Ваквиот борбен систем е испреплетен со квалитетни roguelite елементи кои допринесуваат секој нареден обид да биде поразличен и покул од претходниот. Ова се должи не само на бројните надградби, Нивоата се комбинација од рачно изработени секции и процедурално генерирани патеки, што значи дека секое ново проигрување нуди уникатен предизвик. Клучни за напредокот се мемориските фрагменти што ги собирате од паднатите непријатели. Овие фрагменти служат како валута за трајни надградби на вашите вештини, оружја и способности, обезбедувајќи чувство на постојан напредок дури и по неуспешните обиди.
Паралелно со ова, и во духот на класичните Metroidvani игри, истражувањето игра клучна улога и е важен дел од целокупното искуство. Станицата е дизајнирана како огромен, меѓусебно поврзан лавиринт, каде што одредени области може да бидат недостапни додека не отклучите нова способност или оружје, охрабрувајќи ве да се навраќате во претходно истражени зони и да откривате скриени патеки и тајни.

Визуелно, Katanaut користи детален pixel-art стил. Секој елемент, од дизајнот на карактерите до околината, е рачно изработен со големо внимание. Овој стил не само што буди носталгија, туку и ефикасно ја доловува мрачната и вознемирувачка убавина на космичкиот кошмар. Анимациите се флуидни, што е од суштинско значење за брзата борба и придонесува за одлична респонзивност на контролите.
Звучната подлога е уште еден светол аспект. Составена е од енергичен synthwave саундтрак кој совршено се вклопува во научно-фантастичната тема и динамиката на битките. Музиката не само што го зголемува адреналинот за време на акционите секвенци, туку и успешно ја надополнува морничавата атмосфера во мирните моменти на истражување. Звучните ефекти, како што се ударите на сечилото и далечните крици, дополнително го збогатуваат искуството.

Katanaut е игра која успешно комбинира елементи од повеќе жанрови за да создаде едно кохерентно и возбудливо искуство. Со својата брза и предизвикувачка борба, систем за постојан напредок и извонредна атмосфера, таа им се обраќа на љубителите на акциони платформери, roguelite игри и научно-фантастичен хорор. Иако високата тежина можеби нема да им одговара на сите, играчите кои бараат предизвик и уживаат во усовршување на своите вештини ќе пронајдат длабока и наградувачка игра во мрачните ходници на оваа вселенска станица.








