Просечниот македонски стартап основач има 31,2 години, знае да кодира и има мало бизнис знаење, има просечно шест вработени, и најчесто е само-финансиран. Всушност, од 18-те стартапи кои ги анкетиравме, 12 се само-финансирани и шест се дел од акцелераторска програма, вели Даринка Буровска, истражувач од Nottingham University Business School, во своето предавање во Impact Hub Skopje.
Најчесто основачите се решиле да основаат стартап откако забележале проблем, или дупка во пазарот, иако добар дел од нив го пренесуваат своето претприемничко знаење што го добиле во странство. Сите имаат пасија да учат нови работи, но и да направат продукт кој самите би го користеле. Добар дел од нив стартувале со тим од факултетите, иако другите стартувале откако имале претходно искуство во претприемништвото.
Јасно е дека секој македонски стартап очекува да го освои светот. Но, Даринка откри во својата анкета дека стартапите уживаат некои домашни предности. Така, во Македонија е лесно да се промовира брендот, нема заситеност на пазарот; евтино е да се стартува компанија, и има квалитетна и евтина работна сила (што е и причина зошто оутсорсингот функционира одлично тука). Но, предизвиците за локалните стартапи се големи бидејќи најголемата потешкотија што мора да ја совладаат, вели Даринка, е што мора да го променат менталитетот кај корисниците. Има премногу паметни луѓе што се отселуваат, и затоа е тешко да се најдат добри работници, и најчесто има мал пазар на кој нема да привлечете преголемо внимание. Тој мал пазар значи и амбицијата на основачите дека никогаш нема да се исполни. Шансата е да се излезе надвор, но за тоа ќе им треба помош од ментори, поискусни претприемачи и да има трансфер на искуство, вели Даринка.
Погледнете ја нејзината презентација: