Претходниве неколку дена читаме медиумски написи во кои се вели дека Скопје е на врвот на листата на најзагадени градови во светот.
Колку се релавантни податоците на овие апликации и дали навистина ја прикажуваат слика за загадениот воздух?
Овие апликации ги прават пресметките и ги рангираат градовите врз основа на повеќе параметри. Меѓу повеќето параметри, индексот за загадуање игра најголема улога во работата на алгоритмите на овие апликации.
За да се добие целосната слика, потребно е барем малку повеќе да се прочита околу значењето и разликите на индексите и методологиите на рангирање на апликациите од овој домен.
Која е разликата помеѓу EU AQI и US AQI?
AQI на САД и AQI на ЕУ го мерат квалитетот на воздухот, но се разликуваат по прагови, загадувачи и здравствени препораки:
- Граница на загадување: AQI на САД се заснова на стандардите на EPA (Environmental Protection Agency) со построги ограничувања за PM2.5 честичките. Додека пак, EU AQI ги следи директивите на ЕУ и повеќе се фокусира на PM10 честичките.
- Здравствени препораки: US AQI нуди насоки за чувствителни групи на пониски нивоа, додека EU AQI ги усогласува препораките со европските прагови за загадување.
- Методи за пресметка: Постојат мали разлики во начинот на кој и двете AQI ги пресметуваат просеците на загадувањето на краткорочните нивоа на изложеност, што доведува до мали варијации во пријавениот квалитет на воздухот.
Зошто AirCare го рангира различно Скопје, во споредба со другите апликации?
Во Facebook статус, eко-активистот и основач на AirCare Горјан Јовановски детално ги објасни разликите помеѓу AirCare и останаите апликации. Во продолжение ги пренесуваме неговите одговори на често поставуваните прашања.
Зошто бројките се различни на AirCare и IQAir?
AirCare користи EU AQI како основен индекс за загадување, додека IQAir користи US AQI. Тие се тотално различни скали (едната од 0 до 100, другата од 0 до 500), па затоа кога гледате US AQI бројките се поголеми. Ако сакате да ги споредувате апликациите, AirCare во менито од страна нуди можност да се смени апликацијата во US AQI.
Од каде доаѓаат податоците во апликациите?
AirCare користи податоци од државни и од волонтерски мерни станици, додека IQAir користи само државни, што значи помало покривање и помалку податоци кога државните ќе се расипат.
Зошто на IQAir некои станици имаат податоци, а на AirCare нема податоци за нив?
Зошто IQAir ги покажува последните податоци измерени од една станица, без разлика колку се стари, дури и по 12 часа. Во AirCare штом повеќе од 60 минути немаме нов податок, ја обележуваме станицата дека нема вредност. Транспарентноста е клучна.
Зошто IQAir често го рангира Скопје на високо место во светот по загаденост?
Прво, IQAir јавно не ја кажуваат нивната методологија на рагинрање на градови.
Второ, Скопје често е на топ листи во Европа, но на светско ниво има огромен број на градови во земји како Кина, Индија, Пакистан што се далеку позагадени.
Без јасна методологија на кои градови се рангираат, и како, и колку често, IQAir само си прават можност за реклама од медиуми.
На кое место е Скопје според загаденост и која е методологијата на AirCare?
AirCare прави многу појасно рангирање на градови низ светот. Нашата методологија споредува моментална загаденост на градови кои имаат над 300.000 жители, и може да се види и во апликацијата и на веб страната: https://getaircare.com/web/
Денес AirCare ја лансираше новата веб-базирана верзија. Оваа верзија е послаба од мобилната, но сепак е доволна за брз преглед на квалитетот на воздухот. Податоците се ажурираат на секои 5 минути, а повеќе детали имате на самата веб-страна.









