AllWeb беше одличен настан. Но, тој треба да стане традиционален настан. Зошто? Затоа што Македонија заостанува во онлајн маркетингот зад останатиот свет. Ова беше споменато од бројни говорници на конференцијата, и секој пат звучеше како несакан и поразителен факт бидејќи на секое од стoте столчиња седеа луѓе кои влијаат врз развојот на маркетингот во Македонија.
Оваа индустрија е неопходна за да видиме побогата локална веб сцена. Подобар онлајн маркетинг ќе ги стимулира медиумите да бидат подобри во своето веб присуство, и ќе финансира нови квалитетни веб и мобилни стартапи. Но, ова не еднострана љубов. Поквалитетни медиуми ќе привлечат подобро таргетирана публика на тие што сакаат да продадат производи и услуги.
Mожеби почетоците на подобар онлајн маркетинг сцена започнуваат со претставувањето на IAB Македонија. Ова здружение за интеракtитвно огласување е оформено од повеќе македонски агенции, огласувачи и најпосетувните сајтови, и има за цел да го подобри пазарот на дигиталното огласување, да отвори дискусии за маркетинг и да ја промовира индустријата.
Стандарди се уште нема @dlazarevski #allweb Сега IAB MK ќе го среди тоа:)
— IAB Macedonia (@IABMacedonia) November 23, 2012
„Дали е-трговијата станува трговија, а трговијата се претвара во офлајн економија?“, праша Ведран Бајер од Google oбјаснувајќи дека има се повеќе иновации наменети да го грабнат потенцијалот на електронското тргување. Во тој контекст може да се стави и онлајн маркетингот кој сега може да се мери и да таргетира за да им ги даде вистинските реклами на вистинските луѓе.
AdSense на македонски? Ведран од Google: Штом започнете да го користите интернетот како платформа, ќе ви излеземе во пресрет. #ouch #AllWeb
— IT.com.mk (@IT_info) November 23, 2012
Во Македонија во моментов телекомуникациите се лидер во онлајн огласувањето. Ова не е бидејќи тие нудат повеќе од другите, туку бидејќи другите индустрии се огласуваат на телевизијата која е неверојатно популарен медиум во Македонија. Зарем турските серии до толку ни го одвлекоа вниманието?
Просечно секој човек во МК гледал 4,5 часа ТВ дневно. Некој се изнагледал и за мене изглеа #allweb
— Oliver Noveski (@olivermk) November 23, 2012
За жал, во Македонија закуп на интернет е само 0,1 отсто од севкупното огласување, ни открива истражувањето на Ежени Брзовска од Економскиот факултет. Според неа, еден од клучните проблеми во инвестирањето во онлајн маркетингот е што огласувањето е сфатено погрешно.
„Не треба само да се мери стапката на кликање на банер. Банерот треба да биде средство кое генерира свесност за брендот. Треба да е интерактивен и убаво дизајниран, да се води грижа за локацијата каде е поставен, да истакне за кој производ се работи, како влијае и други фактори кои ја мерат успешноста на банерот. Baner blindness постои бидејќи нема интеракција со банерот.“, вели Ежени.
Секако онлајн маркетингот не подразбира само банери. Друштвените мрежи се сега алатка за директна комуникација меѓу фанот, потенцијалниот клиент и брендот. Facebook како доминантна мрежа во Македонија со над 900.000 профили нуди многу повеќе од само отварање фан страна на која брендот треба да се фали дека го има најдобриот производ. Facebook пред се треба да биде интеракција која ќе ги потикне корисниците да споделуваат и разговараат. Не за џабе Facebook има метрика „people talking about”.
Никола oд Im.mk: Најефективните Facebook реклами се со социјален контекст, кога ќе лајкнете бренд, тоа го гледаат вашите пријатели. #AllWeb
— IT.com.mk (@IT_info) November 23, 2012
Но, пред да се фрлиме во маркетинг кампањи, дали брендовите знаат кои им се фановите и што тие бараат од нив. Никола Спасов од агенцијата Рејтинг го презентираше своето истражување кое го открива профилот на македонските твитерџии. Тwitter заедницата е далеку помала од бројот на македонски профили на Facebook, но една од клучната статистика од истражувањето e дека 25 отсто од твитерџиите се влијателни во својата компанија, а други 6 отсто се сопственици на компании. Можеби најинтересна статистика е дека околу 19,6 отсто од твитерџиите се магистри и доктори на науки. Зарем не би сакале да ги имате на своја страна кога ќе ја подигате свесноста на брендот? Еве го целото истражување: