CES 2022 од кул рутери до електрични возила кои менуваат боја

во Хардвер

Consumer Electronics Show е настан кој го одбележува влегувањето во новата година, барем кога електрониката е во прашање. Настанот секоја година се одржува на почетокот на јануари во Лас Вегас. За жал веќе две години поради условите на пандемија саемот се одржува во хибриден формат.

Последната година кога се одржа без специјални мерки CES 2020 собра 170 000 посетители и 4500 изложувачи. Оваа година поради зголемениот број на заразени од Омикрон варијантата на коронавирусот, настанот имаше помалку посетители. Во живо го посетија 40000 посетители, и имаше 2300 изложувачи.

На CES вообичаено има уреди и опрема кои се наменети за купувачи, но далеку се поинтересни уредите кои се „proof of concept“. И оваа година, како и сите години претходно имаше куп навистина супер возбудливи уреди. Она што е интересно е трендот главни ѕвезди на настанот да бидат автомобилите. Оваа година е откажан „Geneva Motor Show“, па присуството на возила беше и поизразено.

BMW iX Flow

BMW оваа година претстави автомобил на кој му се менува бојата. Технологијата која се користи е слична на E-Ink технологијата која се користи за екранот на Kindle. Боите кои може да се променат баш и не се импресивни, бела, црна и неколку сиви е сè што е достапно во моментов. Ако ова сепак не ве разубеди дека токму ова е автомобилот кој ви е потребен имаме лоши вести за вас. Станува збор за „демо“ автомобил кој треба да покаже дека технологијата работи. Планот на BMW е да понуди и други бои, па и своевиден „color picker“со кој сопственикот ќе може да ја промени бојата на автомобилот.

OrCam MyEye Pro

Добитник на наградата за иновација на CES 2022 е израелската компанијата OrCam. MyEye Pro е додаток наменет за лица со визуелна попреченост. Малечка камера со вештачка интелигенција која едноставно се прикачува на очилата им помага на луѓето кои имаат проблеми со видот па не можат да читаат, не препознаваат луѓе и производи или воопшто не гледаат. Камерата со помош на вештачка интелигенција препознава објекти и текст и потоа ги „чита“ на корисникот.

Камерата има гласовна контрола и корисникот може да поставува прашања и да го активира „паметното читање“ – функционалност која овозможува пребарување по текстот. Паметното читање може да се користи за пронаоѓање на телефонски броеви, имејл адреси, податоци за хранливост на храна и слично. Активирањето на MyEye Pro е слично со активирањето на асистентот на Google и корисникот треба единствено да каже „Hey OrCam“.

Најлошата вест поврзана со овој уред е дека е исклучително скап. Цената на MyEye Pro е 4000 долари.

Chevrolet Silverado EV

Најпопуларниот камионет на Chevrolet, Silverado EV доби и електрична верзија. General Motors најави дека возилото ќе започне да се произведува во 2023 година.

Капацитетот на батеријата му овозможува на камионетот да може да помине 640 километри со едно полнење. Само 10 минути полнење на стандарден полнач се доволни за возење 160 километри. Silverado ќе доаѓа во две верзии Silverado EV RST и Silverado EV WT. RST верзијата има 664 коњски сили и може да влече товар тежок 5 тони, a WT има 510 коњски сили и може да влече товар со тежина до 4 тони.

Првата серија на возилото ќе чини 100 000 долари, но по ова следните серии ќе чинат 40 000 долари.

Sony PlayStation VR2

Мартин веќе пиша за новата верзија на виртуелната реалност од Sony, PlayStation VR 2. Новиот сет ќе понуди значително повеќе од својот претходник. Резолуцијата е 2000 х 2040 пиксели. Со ова корисниците добиваат 4K HDR резолуција со 110 степени FOV, а OLED екранот е со рефреш од 90 до 120Hz.

Сетот доаѓа со две камери кои се свртени кон внатре кои ќе овозможат следење на погледот на корисникот. Ова треба да овозможи подлабока имерзивност и подобра интеракција на корисникот. Дополнително ова ќе ја  исклучи потребата од надворешна камера за следење.

Сетот доаѓа со вграден мотор во самата кацига и ќе се погрижи за таканаречениот Headset Feedback, со што преку вибрирање, тресење или пулсирање на кацигата значително ќе се истакнуваат сензациите кои ве бомбардираат во играта или ќе ни донесат главоболки.

TP-Link Archer AXE200 Omni

TP-Link престави нов Wi-Fi 6E рутер кој има навистина одлични перформанси, но она што е поимпресивно е дека рутерот доаѓа со 4 механички антени кои автоматски го подобруваат сигналот. Антените се слободни за ротација по две оски што овозможува слободно движење. Уредот може да следи извори на сигнал и преку антените да добие посилен сигнал. Рутерот може да се нагоди за автоматски да ги постави антените и да го оптимизира сигналот во зависност од користењето на Wi-Fi уредите.

Механичките антени и автоматското прилагодување се кул, но и без нив рутерот е импресивен. Archer AXE200 Omni овозможува брзина од над 10 Gbps и го зрачи сигналот на 3 фреквенции вклучувајќи и 6Ghz.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments