Рецензија: Mushroom Wars 2 e уникатна стратегија од натпреварувачки карактер

Исклучително тешко е да се осмисли стратегија која има едноставни механики кои се предизвикувачки за совладување. Секогаш кога размислуваме за ваквата изведба, се присетуваме на малата симпатична игра на Zillion Whales – Mushroom Wars. Во 2016 година, инди играта успее да привлече публика со интересни мрежни режими со до четири играчи и приказ на 4000 единици на една мапа. Немаше ништо комплексно во играта; едноставно чекавте автоматски да се создадат доволно единици за да истите ги испраќате низ мапата и вршите понатамошна експанзија.

Но, начинот на кој беше осмислен гејмлејот, односно контантната потреба за гледање на кое место колку единици имате и каде да ги праќате, отвораше бројни можности за хаотични и крајно непредвидливи сценарија. Финалниот резултат секогаш беше кратка, но впечатлива забавна сесија која ја постави играта на нишан на видните критичари, па дури и извлече Metacritic оценка од 83 поени.

Во 2017 година излезе втората игра од овој серијал, но дури на 13 јануари играта ќе излезе за конзоли. Ние ја имавме ексклузивната можност предвреме да ја провериме PS4 верзијата и нашите впечатоци се исклучително позитивни, иако, мора да признаеме дека аспсолутно не не бива во играта. Имено, во Mushroom Wars 2 исклучително важно е да имате високо разбирање за логиката која е имплементирана во играта, но и исклучително брзи рефлекси. Во спротивно, често ќе се наоѓате во пренатрупани од непријателските единици.

Како функционира Mushroom Wars 2?

На секоја мапа имате структури. Некои од структурите се ваши, некои на непријателот, а некои се неутрални. Во секоја структура имате одреден број единици. Доколку вие имате 20 единици, а неутралната структура до вас има десет, можете да испратите 15 единици во таа структура за да ја освоите. По издавање на наредбата, вашите единици излегуваат и се упатуваат кон неутралната структура. Откако ќе ја нападнат, за да ги уништите тие 10 единици и вие треба да изгубите 10 од вашите единици. Живот за живот, така функционираат работите. Што значи, доколку пративте 15 единици, сега во таа структура ќе има сместено само 5 ваши единици.

Но, како поминува времето, така се создаваат нови единици во структурата. За побрзо создавање единици во една дадена структура, можете да жртвувате одреден број од единици и да ја наградите структурата. Е сега, замислете мапа со 16 структури. Инстантно треба да одлучите дали ќе ја надградувате вашата структура за да побрзо се создаваат единици во неа или ќе почнете полека да се ширите. До кој степен се осмелувате да одите со вашата експанзија и дали ќе имате доволно единици во моментот кога непријателот ќе реши да ја испрати војската кон вас? За издвојување победа времето е клучен фактор и како ќе решите да ги користите драгоцените минути е исклучително важно.

Паралелно со ова, мора да бидете помирени со фактот дека еднаш освоените структури порано или подоцна мора да ги изгубите. Се е компромис во играта, целосно засновано на принципот на-ти-го-дај-ми-го. Како нова механика, во Mushroom Wars 2 имате на располагање 12 уникатни херои кои припаѓаат на некои од четирите племиња кои се доминантни низ мапите. Користејќи ви специјалните вештини на хероите во вистинскиот момент е исклучително важно и може да биде пресудно за издвојување победа.

Поради ваквата гејмплеј формула, Mushroom Wars 2 има неверојатна вредност на преигрување, особено доколку ја играте со вистински лица. Кога сме кај тоа, Mushroom Wars 2 ви дозволува епски мрежни пресметки со до четири играчи низ осумдесетина мултиплеер мапи. Во овие мапи, можете да се впуштате локално, или онлајн, а имате на располагање бројни опции за дополнително прилагодување на условите за играње и издвојување победа.

Покрај мултиплеерот, Mushroom Wars 2 се одликува со долга и паметно осмислена соло кампања која се протега низ 100 мапи. Кампањата нема впечатлива приказна, а она што го има е замислено да понуди само минимален увид во универзумот и инстантно да ја предаде штафетата на гејмплејот. Доколку сакате брзо размислување и реагирање во еден непредвидлив и хаотичен свет со интересна музичка подлога, тогаш апсолутно ќе бидете одушевени од она што ќе го најдете и во кампањата и во мрежниот дел.

PS4 верзијата за играта е одлично оптимизирана и паметно ги користи потенцијалите на контролерот, особено при испраќање на единиците. Споредено со PC верзијата, која, како што кажавме, е излезена поодамна, целиот интерфејс е соодветно променет за да подобро одговара за играње пред големите екрани, а контролите се крајно интуитивни, при што лесно можете да одбирате одреден процент од вашата војска, како и насоките каде да ја испраќате. Би можеле да помислите дека ваквите игри подобро се играта со тастатура и глувче, но по првичното навикнување на контролерот, навистина немавме никакви проблеми за брзо снаоѓање и реагирање.

Поради сево ова што го напишавме, повеќе од јасно е дека Mushroom Wars 2 не е игра за секого и е првенствено осмислена да има натпреварувачки карактер. Доколку сте гејмер кој сака релаксирани RTS игри, овде нема да си ја најдете среќата. Поради хаотичната природа, постојано се бара од вас да ги имате отворено сите четири очи и молневито брзо да работите со картите кои постојано ви се делат. Но, доколку уживавте во првата игра и барате повеќе од истата добра забава, тогаш Mushroom Wars 2 е наслов кој не би требало да го пропуштите.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments