Во обид да ја зајакнат индустријата низ балканскиот регион, регионалните гејмерски заедници создаваат нови можности за соработка. Здружувањето сили допринесува до создавање нова средина за развој на видео игри.
Движењето е особено значајно за земји како Албанија, каде што сè уште се појавуваат локални девелопери. Балканската гејминг сцена е подготвена да влезе во нова ера преку амбициозните проекти како „Playing Narratives“ и регионалната адаптација на платформата „Shift2Games“.
Во интервју за Albania Tech, Лорена Ѓана, клучна фигура во Албанската заедница за игри, зборуваше за тоа како овие иницијативи ја зајакнуваат новата генерација од креатори.
Според Ѓана, гејмерските заедници во регионот разговараат меѓусебе повеќе од една година, истражувајќи начини за соработка и меѓусебна поддршка.
„Додека земјите како Србија и Хрватска направија значителен напредок во развојот на нивните локални индустрии, другите балкански земји се уште во раните фази. Соработката помеѓу различните заедници има за цел да ја олесни размената на искуствата и заедничкиот развој на капацитети, како и да пружи поддршка за истражувања и развој на нови игри кои се планираат за глобалниот индустриски пазар“, изјави Ѓана за Albania Tech.
Неодамнешниот состанок организиран од Српската асоцијација за игри (SGA) и Montegames, заедницата за развој на игри во Црна Гора, собра претставниците од целиот Балкан, а се разговараше како да се надминат пречките и да се создадат идеални услови за меѓусебна соработка.
Регионални гејминг иницијативи за поттикнување на младите
Како што истакнува Ѓана, целта е да се консолидира поддршка за две главни иницијативи: програма за инкубација на дизајнот на игрите – „Playing Narratives“, и платформа прилагодена за млади програмери од регионот – „Shift2Games“. Овие иницијативи имаат за цел да го поттикнат развојот на вештини и да обезбедат насоки кои се потребни за започнување успешни кариери во game development.
„Playing Narratives“ е осум-месечна програма за дизајн на игри. Во индустријата, оваа програма го покрива целиот процес поврзан со развивање игри, а не само графичкиот дизајн. Програмата им помага на учесниците да развијат вештини за развивање игри во сите аспекти, од наратив и музика, преку механики на игри, па се до дизајнот на ликовите и многу повеќе. Оваа програма и по прв пат пилотирана од SGA, но е поддржана и од Reconomy програмата во четирите последователни години. Благодарение на ова, се привлекуваат многу млади луѓе од заедницата кои би сакале да бидат вклучени во глобалната индустрија“, објасни таа.
Во меѓувреме, платформата „Shift2Games“ треба да одговори на клучната потреба во регионот: пристап до образование и ресурси. Бидејќи на многу балкански земји им недостасуваат формални институции посветени на развој на видео игри, платформата ќе обезбеди упатства, увид во индустријата и можности за вработување на локални јазици. Ваквата помош ќе им дозволи на младите да ги направат своите први чекори во индустријата.
Различни креатори ја обликуваат балканската индустрија за игри
Во Албанија веќе се чувствува влијанието на овие иницијативи. И покрај отсуството на формално образование за развој на игри, како и немање изобилни можности за вработување, ентузијазмот кај младите е непобитен.
„Заедницата во Албанија има огромен потенцијал за развој. Ангажманот забележан во текот на изминатата година покажува дека, и покрај недостатокот на образовни институции или масовни можности за вработување во Албанија, овие млади луѓе самостојно учат да прават видео игри. Она што ним и фали се насоки за градење кариера во индустријата. Двете горе-споменати иницијативи имаат за цел да помогнат и во ова“, изјави Ѓана за Albania Tech.
Од голема важност е и да се вклучуваат во иницијативите креатори од различни средини Ѓана истакна дека многу млади креативци во Албанија се соочуваат со предизвици кога станува збор за монетизирање на нивните таленти во традиционалните индустрии.
Глобалната индустрија за видео игри им нуди нов начин да ги применат своите вештини во многу поголем обем. Со зголемениот интерес на наративни игри, музичарите, писателите и дизајнерите имаат шанса да придонесат во развојот на иновативни наративни игри кои ќе привлечат глобална публика.
Ѓана сподели и дека двете иницијативи дополнително ќе се прошируваат. „Shift2Games“ ќе биде достапен на сите балкански јазици до крајот на годината, додека „Playing Narratives“ ќе ја започне својата следна фаза во 2025 година.