Сите оние кои се фанови на урнекот кој беше воспоставен со Vampire Survivors, би можеле да го насочат вниманието на најновата игра на A17 Games. Call of Sentinels мајсторски комбинира елементи од roguelike со елементи од shoot ’em up жанрот. Како резултат, добивате брза, динамична и забавна акција на живописни мапи.
Како и сите други игри од овој калибар, ќе бидете фрлени на различни огромни мапи и ќе имате за задача да издржите што е можно повеќе против легијата од непријатели и моќни босови. На располагање имате најралични херои. Секој од хероите се одликува со уникатни способности кои значително влијаат на типот на хаосот кој сакате да го сеете на бојните полиња. Во комбинација со способностите на хероите, имате најразлични оружја кои, исто така, се одликуваат со уникатни деструктивни механики.
Секоја од шесте мапи нуди интересни можности за движење, избегнување на непријателите и босовите, како и бројни можности за експериментирање со вашите билдови. Билдовите не произлегуваат само од хероите и оружјата туку и од одредени предизвици кои, доколку успешно ги извршите, ќе ви дозволат да отклучите дополнителни магии и способности. Благодарение на ова, соочувањето со непријателите и босовите знае да понуди крајно нелинеарно и забавно искуство.
Приказната, за жал, нема да освои награди и повеќе е тука да алудира на минималистички лор, но акцијата навистина е за пофалба. Доколку сте големи фанови на Vampire Survivors, како и легијата слични игри што излегоа по неа, тогаш Call of Sentinels е игра која би можеле да ја проверите. Играта моментно се продава со попуст од 15% и е нешто повеќе од 6.5 евра.
Повеќе детали за играта
- Произведува: A17 Games
- Издава: A17 Games
- Жанр: survival roguelike
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 29 август 2024