Меѓу најдобрите три стартапи на Start Summit во швајцарскиот Сент Гален, се најде и австриско-македонскиот стартап Minebox. Основан е од Владо Петрушев и Андреас Петерсон, кои имаа интересна идеја да го искористат blockchain концептот за уред кој функционира како складиште на податоци поврзано преку peer-2-peer мрежа.
Minebox e физичко складиште што работи на NAS (network attached storage) принцип и користи P2P мрежа за протокот на податоците. Мinebox е дизајниран така да може да се рента просторот што не се користи во замена за биткоини, што е еден дел од бизнис моделот на Minebox, покрај продажбата на хардвер. Идејата е да можете да рентате простор од повеќе Minebox кутии низ целиот свет, креирајќи децентрализирани складишта кои ги чуваат вашите податоци. За заштита на податоците Minebox има таканаречена storage card која функционира како личен клуч за враќање на податоците во случај на физичко оштетување на Minebox кутијата.
„Поентата е кога ќе ги поврзеш сите овие сервери во цел свет да добиваш децентрализирана мрежа на дистрибуиран простор, што значи дека податоците се чуваат на различни јазли низ светот, а не на централен сервер како што е примерот со Dropbox. Dropbox има single point of failure, во случајот на Minebox тоа не постои, затоа што податоците се дистрибуирани насекаде низ светот“, објаснува Владо.

Владо и Андреас на Start Summit
Приказната зад Minebox започнува во Виена, на биткоин конференција каде Владо се запознава со Андреас, посветен биткоин ентузијаст и креатор на Mycelium Bitcoin Wallet. „Се шегуваме со Андреас дека откако ги обезбеди биткоините на корисниците [преку дигиталните паричници], сега сака да ги обезбеди и нивните податоци“, вели Владо.
Двајцата веруваа дека складиштата базирани на биткоин технологија можат да бидат успешен проект, иако предизвикот е да креираат инфраструктура на складишта кои ќе бидат поврзани меѓу себе, но сепак да бидат независни и децентрализирани. Затоа го креираа Minebox како појдовна точка да се обезбеди таа инфраструктура. Стартапот е поддржан од инвеститори од Австрија и Лондон, и во тек се преговори со други инвеститори за да можат да го пласираат Minebox на пазарите во Европа, Америка и Азија.
[…] и пол година беше избран во најдобрите 3 стартапи на Start Summit во Сент Гален. Стартапот го искори blockchain концептот за уред кој […]