Како огромни фанови на TPS игри со шаренолика графика и roguelite елементи (како феноменалната Arcadegeddon!), особено мило ни беше да навлеземе во ArcRunner и да препознаеме ем одредени сличности ем целосно нови работи кои го прават насловот на Trickjump Games Ltd уникатно добар, особено доколку сте фанови на Cyberpunk тематиката.
Пркосот на вештачката интелигенција
Во ArcRunner навлегувате во футуристичката вселенска станица сами или со уште тројца пријатели. Иако ArcRunner се темели на ко-оп со до четворица играчи, без проблеми ќе уживате и сами. Низ бројни уникатни зони, се соочувате со бранови и бранови од непријатели – роботи кои се програмирани од вештачката интелигенција да стават крај на сите биолошки суштества.

Секоја од понудените зони се крајно уникатни и успеваат да понудат поразлично визуелно искуство, нешто што го забележавме и во поглед на бројните непријатели. Паралелно со ова, за креирање на секоја зона се користат параметри по случаен избор и ниедно иднo преигрување не е исто како претходното. Има нешто посебно во начинот на кој неонските светла доминираат низ зоните, а вие неуморно навлегувате се подлабоко, ги препознавате бројните напади на роботите, и соодветно реагирате.

Бирајќи една од три понудени класи, ќе експериментирате со различни оружја и ќе се трудите да елиминирате што е можно повеќе непријатели. Секоја од трите класи, независно од тоа дали ќе започнете ран со војник, нинџа, или хакер, се одликува со уникатни предности, но и со оружја и способности.
Како што напоменавме, експериментирањето е најзабавниот момент во ArcRunner и често пробувавме најразлични оружја и способности како би ја прилагодиле класата на начин на кој нам највеќе ни одговара.
Одредена забелешка упатуваме на анимациите кои на моменти не беа баш флуидни и веродостојни, особено при користењето на одредени ладни оружја или имплементирање на штитот на војникот. Ваквото нешто е воочливо и при користење на бројните оружја, особено поголемите; едноставно недостасува чувство на тежина при носење и користење на некои од помоќните алтернативи.

Во поглед на надградбите имате груба поделба на привремени и постојани надградби. Привремените надградби се помоќни, но даваат одредени бонуси и способности само за ранот што сте го започнале, додека постојаните се активни низ сите ранови.
Ваквиот дизајн е одамна познат, но е солидно реализиран во ArcRunner бидејќи пружа веродостојно и органско напредување каде способностите и надградбите функционално се надополнуваат една-со-друга.
Но, за некои надградби, грајндот знае да биде реален и да се бара огромна временска посвета доколку сакате да отклучувате статистички надградби. За подобри шанси за преживување, бројните студени и огнени оружја имаат процепи во кои можете да вметнувате надградби за уште поголема ефикасност.

Релаксирачко истражување
Кога ќе го земете сево ова во предвид, во ArcRunner имате добитна формула со едноставни, но предизвикувачки механики кои знаат да ги направат сесиите да се забавни и релаксирачки. Доколку успеете да најдете пријател или два кој би можел да ви се приклучи на авантурата, димензијата дополнително се проширува и се пружаат одлични можности за франтична акција и кооординирано ликвидирање на непријателите.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Trickjump Games Ltd
- Издава: PQube
- Жанр: TPS акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 27 април 2023







