Arcadegeddon e игра која првенствено излезе за PlayStation, Xbox и Epic Store. За брзо време, чедото на IllFonic импресионира илјадници TPS фанови кои, сами или со пријатели, започнуваа рандомно создадени авантури во свет со шаренолика графика, одличен систем со оружја, уникатни непријатели/ босови и забавни аркадни предизвици. Од неодамна, играта се појави и на Steam, а она што следи се 3 причини зошто конечно треба да ја проверите играта!
1. Мешавина од PvE и PvP
Во Arcadegeddon може да започнете еден од два главни режими на играње. Од една страна, имате roguelite напредување низ рандомно изберени мапи каде со уште тројца пријатели се:
- спротивставувате на стотици и стотици AI контролирани непријатели,
- решавате заеднички предизвици или пак
- ги здружувате силите против исклучително тешки босови.
За да успеете во намерата, имате на располагање арсенал од ладни и огнени оружја, но и неколку моќи кои ги активирате преку вашата специјална ракавица. Особено ни се допадна органскиот систем за надградба каде оружјата стануваат посилни како ги користите со времето. Во доцниот дел од играњето, вашите најчесто користени оружја стануваат несопирливи инструменти на деструкција која косaт се што ќе се појави пред вашиот нишан.
Оние кои се по PvE пресметки, можат да навлезат во некој од понудените PvP режими на игра како:
- Block Breakers – уништување блокови на кои се наоѓаат непријателите за да можете да ги исфрлите од мапата
- Glitch Ball – Поделени во тимови, треба да фатите топка и да освоите поен така што ќе ја фрлите топката во дупка
- King of the Hill – Држете клучни области за да соберете поени
- Pandemonium – Убијте најголем број непријатели пред да истече времето
- Tile Drop – Џиткајте непријатели со бејзбол палки и избегнувајте ги плочките кои исчезнуваат под вас
- Team Battle Drop – Елиминирајте го спротивниот тим за да издвоите победа
Хаотично лудило
Што и да изберете од режимите, хаотичната забава е загарантирана. Поголемиот дел од режимите се замислени да се конзумираат во мали дози и резултатот е откачена акција полна со можности за непредвидливи ситуации, особено ако играте со вашите пријатели, а не со непознати луѓе.
PvE и PvP модовите се онолку интересни колку што се различни еден од друг, а, верувајте, разликата е огромна и остава впечаток како да се работи за две целосно различни игри. Во нашата ситуација, ние бевме апсолутно импресионирани од PvE модот и ја користевме секоја прилика за етапно напредување низ стазите, решавање предизвици и надградување на нашите оружја, опрема и способности. Но, знаеме за неколку пријатели кои беа целосно опседнати од PvP модот и не сакаа ни да го чепнат PvE режимот.
2. Војни на модата
Во Arcadegeddon има огромни опции за уредување на изгледот на вашиот лик. На почетокот, прилично сте ограничени во изгледот, но подоцна можете значително да го збогатите вашиот гардеробер со најразлични парчиња облека и додатоци. Arcadegeddon ви дозволува да го менувате изгледот во три клучни полиња:
- Физички изглед, облека и опрема на вашиот лик
- Скинови за вашите оружја
- Анимации и денцови
Извршување на одредени предизвици од бандите со кои разговарате во хабот, ви дозволува да отклучите одредени уникатни работи. Она што не можете да го најдете тука, ќе го најдете во продавницата која ви дозволува да отклучите работи или со валутата која ја добивате преку играње или со валутата до која сте дошле со вистински пари. Со Arcadegeddon се дружиме доста време и во ниеден момент не почувствувавме реална потреба да потрошиме вистински пари. In-game валутата лесно се добива и, освен неколкуте премиум костими, се останато можете лесно и брзо да си отклучите преку нормално играње.
Создавање интересен лик е дел од забавата и често ќе се наоѓате себеси како експериметирате со одредени изгледи или пак ја посетувате продавницата за да видите што е понудено на ротација. Без проблем ќе можете да сочувате повеќе изгледи, заедно со арсеналот од опремата и оружјата, за да можете лесно да скокате помеѓу нив.
3. Графика и музика
Arcadegeddon има прекрасна neon инспирирана sci-fi графика која е вистински празник за очи. Со огромно задоволство ги истражувавме паметно дизајнираните мапи, се давевме во лепезата од шаренолики бои и шармот на разигрираните анимации. Ова е потковано со една од најдобрите музички подлоги кои ги имаме слушнато. Константно сте опсипани од длабоки футуристички хип-хоп ритами кои даваат на акцијата посебна димензија и адреналински ве охрабруваат да не се откажувате и да продолжите со сеењето хаос.
Евтин рецепт за одлична забава
Тоа беа нашите три главни причини поради кои би требало да ја проверите Arcadegeddon, но доколку ви треба уште една причина – цената на играта е исклучително прифатлива! Со излегувањето на Steam, цената автоматски падна од 30 на 15 евра. Со оглед на тоа колкава вредност на преигрување има Arcadegeddon, би било криминал да се пропушти оваа прилика, особено доколку сте фанови на roguelite аркадни искуства во трето лице!
Повеќе детали за играта
- Произведува: IllFonic
- Издава: IllFonic Inc.
- Жанр: TPS, акција, PvE, PvP
- Платформа: Microsoft Windows, Playstation, Xbox
- Излезена на: 18јули 2023
Оценка
- Вкупна оценка: 8.75
- Приказна: 7
- Гејмплеј: 9
- Графика: 9
- Звук и музика: 10