Рецензија: Ara: History Untold

Во исчекување на најновата Civilization игра, преигрувањето на старите игри повеќе не е доволно. Како големи фанови на Сид Мајер серијалот, со години веќе копнееме за „само уште еден ред“ чувството, но во едно ново и освежено опкружување. Најновата игра на Oxide Games и Xbox Game Studios ни доаѓа баш како нарачана. Со впечатлива графика, соодветна музичка подлога и комплексни механики, поминавме неброени часови градејќи цивилизација преку ширење територија, негување добро соседски односи и развивање корисна технологија! Ara: History Untold се одликува со бројни можности за длабока забава која нема да ги остави рамнодушни дури и најтврдокорните стратешки умови.

Како се игра Ara?

Пред започнување на кампањата за еден играч, потребно е да одберете лидер. На располагање имате 40-тина лидери. Секој од нив се одликува со одредени позитивни и негативни карактеристики. Па така, германскиот лидер, Ото фон Бизмарк допринесува до процентуални забрзувања на производството (+10%) и значајно зголемување на силата на војската по објавување војна (+25%). Овој лидер, меѓутоа, негативно влијае на одделот посветен на истражување (-10%). Вакви статистички предности и недостатоци суптилно влијаат на начинот на кој сакате да играте.

Откако сте задоволни со вашиот лидер, ќе може да одберете една од десет понудени тежини, вид на мапа, која може да биде претходно одредена или генерирана според ваши параметри, како и да одберете со кои нации сакате да си имате работа. Во одделот со напредни опции, можете да прилагодувате и колку да трајат процесите на запазување ред, дали технологијата да се нуди по случаен избор, или пак со која застапеност да биде флората, фауната и ресурсите.

Во исчекување на нашата прва партија

Бебешки чекори до огромна цивилизација

Во зависност од избраниот лидер, односно нација, ќе добиете и соодветен вовед кој е замислен суптилно да ве потопи во деталниот свет. Ara: History Untold се игра како и секоја Civilization игра. Тоа не значи дека се работи за апсолутен клон, далеку од тоа. Она што сакаме да кажеме е дека доколку сте играле Civ игра, тогаш ќе се чувствувате како дома со Ara, особено во почетните моменти од кампањата, каде ја истражувате мапата, избирате и завршувате најразлични проекти. Проектите се замислени да ви помогнат да регрутирате воени единици или да примените надградби на структури за поефикасно справување со ресурси, или пак подобрување на условите на вашето население.

Првата серија од проекти кои ни се на располагање. Секој проект се комплетира за неколку редови, односно 3, 5, 7, и така натаму

Покрај проекти, на располагање имате и листа од технологии кои можете да ги истражувате. Некоја технологија ќе ви ги открие тајните за правење јаже – алатка која е клучна за ефикасен риболов, сечење дрва или пак правење на Стоунхенџ. Други технологии, пак, ќе ви дозволат да тренирате специјални воени единици и кампови. На пример, стрелаштвото отклучува тренирање стрелци, правење кули или пак кампови за лов.

Дипломатска победа

Откако ќе отклучите доволен број технологии, ќе можете да истражите таканаречен катализатор на ерата. Овој катализатор ви дозволува да преминете во наредното технолошко доба, при што неистражените, застарени технологии се заменуваат со нови. Некои од технологиите ви даваат престиж. Што повеќе престиж, толку поголеми се шансите за ултимативна победа. На крајот од кампањата, нацијата со највеќе престиж победува. Покрај одредени технологии, престиж се добива и со правење ремек дела или издвојување победа во битки.

Одредени структури, како работилница, значително помагаат за подобрување на вашата нација

Паралелно со сите овие работи, никако не треба да ги занемарите основите, односно собирање клучни ресурски како храна, богатство, материјали и дрво. Без овие четири главни ресурски, не правиме ништо во Ара. Поради тоа, уште на самиот почеток се советува правење фарма, а потоа и работилница преку која имплементирате дополнителни надградби. Овие надградби може да се забрзаат преку инвестирање дополнителни ресурси во проектот.

Во околината можете да откривате независни племиња кои различно реагираат на вашата нација. Доколку завршите неколку цели за нив, племето може да ве засака и да ви се приклучи. Во спротивно, ратните секири не се длабоко закопани. Како се зголемува нивото на градот, така можете да привлекувате повеќе територија. Ширењето на границите ви дозволува да добивате пристап до уникатни територијални ресурси.

Порано или подоцна, ќе се судрите со останатите цивилизации. Секој лидер има одредено мислење кое константно се менува од одлуките кои ги донесувате, првенствено во начинот на кој ја ширите вашата територија. За смирување на страстите, можете да нудите подароци, да предложите договор за тргување или за истражување, како и да основате сојуз под одредени услови. Иако се работи за неколку опции, нивната активација не е лесна и потребно е многу коцки да легнат како што треба пред да се создадат услови за продуктивна дипломатија.

Надвор од економијата и дипломатијата, имате комплексен систем поврзан со битки. Имено, секоја војна единица почнува како резервна единица која потоа ја поставувате во одредена позиција (Formation) и, на крај, ја исфрлате на терен како сила (Force).

Ова се многу луѓе и многу копја за ловење диво животно…

Кога дипломатијата потфрли, можете да објавите војна на одредена нација. Кога ќе се соберат огромни армии, Ara: History Untold навистина сјае. Преку имплементирање стратешки движења и заземање соодветни позииции, судирот на армиите знае да биде спектакуларно нешто кое никако не ни здосадува, дури и по неброени редови ѕверење. Со огромно нетрпение напредувавме низ добата само за да видиме како се менува нашата армија во поглед на униформите, оружјата и позициите.

Иако се работи за автоматизирани битки, сепак изгледа импресивно

Визуелно совршенство

Мапите се огромни и преубаво осмислени, со најразлични пријатни и непријатни изненадувања на сите страни. Добата се одлично разработени и секој ваш напредок ве наградува со реалистични и значајни промени, како во изгледот на градовите, куќите, армиите и околината. Но, за да дојдете до врвот имате многу качување. Потребно е константно собирање ресурси, неуморна експанзија и религиозна посвета на потребите на вашиот народ. Amenities е една механика која дава привремени привремени предности во градот, како гозба која допринесува до повеќе храна, среќа и зголемување на популацијата.

Со секое ниво, градот визуелно се менува и проширува, оставајќи впечаток на живо битие со сѐ поголеми потреби за задоволување. Често не одевме со наредниот ред само за да се движиме низ градот, да зумираме, следиме и набљудуваме како населението извршува најразлични обврски. Забавно е да се гледа како народот се шири низ ново-приклучената зона, гради домови и структури, а потоа ја работи земјата. Ова е дополнително разубавено со детални анимации на дрвја, животни и структури. Кога велиме дека сѐ е во движење навистина го мислиме тоа.

Ова не е без цена и за да максимално уживате во она што графичкиот енџин го овозможува, потребно е да имате исклучително добра компјутерска конфигурација. Имено, како напредувавме низ играта, како се ширевме, надградувавме и преминувавме во доцните доба, така фрејмовите паѓаа сѐ повеќе и повеќе, принудувајќи не да одиме во менито и намалуваме бројни опции.

Нашата прва територија која ја приклучивме на градот

Преголема амбиција

Ara: History Untold е игра која се труди да понуди многу. Како крајно амбициозна игра, лесно може да се случи да се апсолутно изгубите во бројните менија и во константната потреба за правилно справување со економијата, градењето, ширењето и развивањето технологии. Редовите течат, а вие едноставно не знаете на што попрво да посветите внимание. Пробувате едно, друго, трето, на крај излегува ништо од планираното, не затоа што играта не е добра, туку затоа што ви фрла сѐ повеќе и повеќе топки за жонглирање. Со дополнителна посвета, сметаме дека би можело да се имплементира подобар систем кој поубаво ќе ве известува за одредени работи или пак ќе нуди подетален интерфејс за правилно запознавање и справување со моментната ситуација.

И покрај недостатоците при управувањето и лошо оптимизираниот енџин, ние уживавме во креирање достојна цивилизација во преубавиот свет. Во случај да сте фанови на Civ игрите, чедото на Oxide Games ќе понуди повеќе од достојна забава, особено во почетните стадиуми на играта. Што се однесува за подоцните стадиуми, тимот работи на исправки и надополнувања кои би требало да го направат искуството значително попријатно. Играта е достапна и на Xbox Game Pass, така да, доколку не сте сигурни дали е ова стратегијата во која сакате да посветите неброени гејминг сесии, препорачуваме да проверите што ве очекува таму!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments

ит кариера

Matrix IT Global Services Macedonia

Product Designer

Matrix IT Global Services Macedonia

Technical Support Specialist

Matrix Global

Fullstack Developer

види ги сите огласи на kariera.it.mk