You Will Die Here Tonight е хорор игра која ќе им се допадне на Resident Evil и House of the Dead фановите

По се изгледа, 2023 година има хорор игри за извоз. Доколку ги следите нашите рецензии, тогаш сигурно забележавте дека голем број од игрите припаѓаат на хорор жанрот. You Will Die Here Tonight исто така не е исклучок, но е можеби една од најуникатните и најинтересните хорор игри кои ги проверивме годинава. Тоа е затоа што констатно успеваше да не изненади со невообичаени механики и перспективи кои одлично се вклопуваат со мрачната приказна.

Смртта е неизбежна

Во You Will Die Here Tonight играте како членовите на елитниот тим Aries. Откако целиот тим ќе посети огромна куќа, мистериозна сила ќе ги подели на различни места и ќе се потруди по секоја цена да ги направи трајни гостини. Како што кажува насловот, вие ќе умрете тука. Порано или подоцна, вашите одлуки ќе ве доведат во неизбежна ситуација и колку и да се трудите, нема да можете да извлечете жива глава.

Играте со шест уникатни ликови

You Will Die Here Tonight е интересен коктел коj ги комбинираат класичните survival хорор елементи со модерни механики. Имено, истражувањето низ куќата потсетува на првичните Resident Evil игри каде се движите низ собите, истражувате внимателно, и решавате бројни загатки. Но, откако ќе наидат зомби чудовиштата, перспективата магично се менува во прво лице – слично на The House of the Dead – каде е потребно е да изведувате комбинација од дефанзивни и офанзивни движења за да преживеете.

На располагање имате неколку различни краеви

Како што напоменавме, вашите одлуки го диктираат животниот век на ликот со кој управувате. Дури и нешто што ви се чини како мала и неважна одлука може да има судбоносни последици. Дали ќе ја истражувате собата од лево или собата од десно, дали ќе го нападнете зомби чудовиштето кое не ве гледа или ќе пробате да поминете покрај него? Дали ќе го земете оружјето кое стои пред вас или ќе го оставите за некој друг? You Will Die Here Tonight е мајсторски изработена игра која е полна со тензични и непредвидливи моменти.

Некои непријатели се исклучително јаки и не е лошо да ги избегнете, доколку можете

Никако не можевме да предвидиме бројни работи и, како за почетокот, бевме магнет за донесување погрешни одлуки и првиот лик го изгубивме по само десет минути играње. Со вториот лик решивме да бидеме повнимателни и да играме со посигурни карти, но и тоа излезе дека е лоша комбинација. Понекогаш, не е ни добро да си премногу внимателен.

Играта не е долга и бара временска инвестиција од 5-6 часа

You Will Die Here Tonight има огромна вредност на преигрување и констатно бара од вас да размислувате дали е паметно да одите во еден или во друг правец, како и дали да земете нешто или пак да го оставите за некој на кого значително би можело да му користи. На располагање имате и бројни загатки, но, како што научивме на потежок начин, некои загатки е подобро да не се решат, а некои предмети е подобро да не се ни допрат. И да земеме и да не земеме нешто, и да нападнеме и да не нападнеме, и да отидеме или да не отидеме таму, постојано бевме растргнати помеѓу константни внатрешни преиспитувања и дали ја донесовме вистинската одлука.

Доколку не сте сигурни дали е ова игра за вас, дефинитивно проверете го демото!

Илузија на избор

Со You Will Die Here Tonight, развојното студио Spiral Bound Interactive LLC има направено феноменална и крајно тензична хорор игра која ќе ве држи на работ од првата до последната минута. Доколку сте фанови на хорор игри од 90тите, но со модерни механики во ретро-инспирирана графика која потсетува и на House of the Dead игрите, тогаш ова е инди игра која треба да ја проверите!

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Spiral Bound Interactive LLC
  • Издава: Spiral Bound Interactive LLC
  • Жанр: хорор, авантура
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 31 октомври

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments