Првото нешто што ќе ве изненади е шареноликиот дизајн на менито и детски цртежи кои се суптилно анимирани. Пропратени од разиграна музичка подлога и не знаејќи апсолутно ништо за играта, решивме да запливаме во непознати води! На располагање имате два начини за играње на The Plucky Squire. Авантуристичкиот мод е со одредена доза предизвик, додека Story модот ви дозволува целосно да се опуштите и да уживате во приказната, без да ви е страв дека ќе ја утнете работата при играњето.
Племеничка квест!
Првичните борбени механиките и движењето низ мапата нѐ потсетуваат на Cat’s Quest, но ова, како што заедничи ќе видиме преку бројните скриншотови, е многу повеќе од тоа! Џот е флексибилен воин кој може да напаѓа со меч, да се тркала или да користи различни способности. Со оглед на тоа дека целата стилска презентација се заснова на концептот дека сте дел од приказна во сликовница, клупчето на приказната се одмотува преку шармантно скокање и напредување низ страниците, или, барем, така сте наведени да мислите. :)
Нашиот прв квест нѐ размрда низ почетните страници од сликовницата и поубаво не запозна со основните механики. Раскажувањето на приказната и гласовите се овозможени од благиот глас на нараторот. Како кај сите бајки, нараторот внимателно ги раскажува авантурите, максимално трудејќи се да го задржи вашето внимание со заинтересирана интонација на секој збор. Ни се допадна и начинот на кој нараторот користи вешти вокални техники за да ги позајмува гласовите на најразличните ликови. Не секогаш го слушате нараторот, и во ситуации на неговото отсуство како поминувате низ страниците така се налепува текст кој ве води низ приказната.
Иако секоја мапа е прикажана на само две страни, авторите се имаат потрудено да ја менуваат позадинската боја и да вметнуваат визуелни ефекти кои го збогатуваат искуството, како и можноста за случајно наоѓање сијалички со удирање на грмушките и дрвјата. Битките, иако едноставни, знаат да бидат исклучително забавни, со впечатливи анимации и, слично како стриповите, со соодветни визуелни елементи од облачиња прашина и зинг, зонг, бам зборови кои драматично се појавуваат на екранот.
Покрај битките, имате на располагање и одредени платформски механики, каде скокате на различни трошливи платформи, трудејќи се да преминете од точка А до точка Б. Играта дополнително сјае со комбинирање на делот со платформирање и делот со битките. Или пак кога конечно ќе дојдете до босовите!
Иако сметавме дека битките со босовите ќе бидат сведени на едноставна hack and slash акција, пријатно се изненадивме од инвентивната изведба. За време на првиот бос се наоѓате во еден вид боксерски меч, каде може да се избегнувате удари лево-десно и да го напаѓате босот преку сервирање одмерени и правилно темпирани ударци.
И покрај тоа што темите кои се обработуваат се детски, а шареноликиот дизајнот е замислен за помладата публика, ние сепак апсолутно уживавме во The Plucky Squire. Се работи за игра која е мајсторски осмислена и талентирано реализирана. Благодарение на макотрпната вложеност на љубов и знаење, секое наредно поглавје е поразлично и позабавно од претходното. Во ниеден момент, играта не форсира една иста формула и механики на напредување и често наидувате на различни мини игри кои внесуваат освежувачка свежина, како превртувањето на книгата и спуштање полека низ опасен терен, или снаоѓање во исклучително мрачна пештера. Сево ова е направено на уникатни, впечатливи начини кои зрачат со голема уметничка вредност.
Покрај скокање, тркалање, борење, избегнување замки и истражување, ќе имате за задача и да решавате загатки. Во нашиот случај, првата загатка беше да најдете зборови и да ги ставиме во правилен редослед за да се комплетира реченицата и да се изведе акцијата која е дефинирана со неа. Gate го најдовме во една грмушка, a Open? Не е зор се да знаете. :)
Но, штом поминете на друга страна од капијата, ќе можете да почнете со трошење на светилките кои макотрпно ги собиравте. Со оваа валута, купувате или одредени слики или пак отклучувате одредени борбени и истражувачки способности, како можноста да го фрлите вашиот меч за да погодите непријатели или пак да зграпчите корисни добра од далечина. Нашата професионална деформација е ненаситна љубопитност за игрите. Поради тоа, собено ги ценевме најразличните слики и описи кои кажуваат за развојните стадиуми на играта.
Непријателите се внимателно осмислени и со различни офанзивни тактики, како на пример, зелените заканувачки чудовишта кои се создаваат со удар на громот. Подоцна во играта, кога ќе ја зголемите вашата деструктивност, а и ќе отклучите способности како напад во 160 степени или моќен напад од висина, битките добиваат значително подлабока димензија, охрабрувајќи експериментирање.
Патување низ световите
Кога ќе се земат во предвид сите аспекти, The Plucky Squire e преубаво дигитално достигнување, и за помладите и за постарите гејмери. Во случај да барате семејна игра со интересни пресврти, креативно-осмислени загатки, предизвикувачки битки и собирање бројни предмети од колекционерска вредност, чедото на All Possible Futures е задолжителна дестинација која нема да ви одземе премногу време, а апсолутно ќе ве забави, особено при крајот на второто поглавје кога серија од настани ќе го скршат четвртиот ѕид со тоа што ќе ве исфрлат од книгата! Упс, кажавме премногу…
Повеќе детали за играта
- Произведува: All Possible Futures
- Издава: Devolver Digital
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 17 септември 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 10
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 10
- Графика: 10
- Звук и музика: 10