Ова е веројатно еден од најлошите периоди во поновата историја на Apple. Неодамна по тужбата на Spotify Европската Унија ја казни компанијата 1,8 милијарди евра. Со новиот Акт за дигитални пазари компанијата мораше да направи низа отстапки за непречена работа во Европа. Оваа недела нови проблеми за Apple најавува Американскиот оддел за правда кој ги обвини за креирае на монопол.
Одделот за правда на 21 март отвори антимонополски случај против Apple. Компанијата е обвинета дека ја спречува конкуренцијата со ограничување на пристапот до хардверот и софтверот на уредите кои ги произведува.
Во овој случај тужителите се фокусирани на пазарот за паметни телефони. На овој пазар Apple има нешто повеќе од 50 отсто учество. Одделот за правда ќе се обиде да докаже дека Apple со сите средства се обидува да ги задржи корисниците на своите платформи и да ги натера да купуваат уште повеќе производи од компанијата. Ова се однесува и на хардверот, но и на сервисите.
„Apple ја одржува својата моќ не поради својата супериорност, туку поради своето незаконско исклучувачко однесување.
Монополите како Apple го загрозуваат слободниот и фер пазар на кој се заснова нашата економија.“, вели американскиот државен обвинител Мерик Гарланд на прес-конференција.
Apple креира монопол на пазарот на паметни телефони
Тужбата на 88 страници е поднесена до Американскиот федерален суд во Њуарк, Њу Џерси. Компанијата е обвинета дека ги блокираат конкурентите во пет сектори. Овие сектори се: стриминг апликации за видеоигри; супер-апликации; апликации за пораки; паметни часовници и дигитални паричници.
„Консументите не треба да плаќаат повеќе затоа што компаниите ги прекршуваат законите за конкуренција. Ако остане без конкуренти Apple ќе продолжи да го зајакнува својот монопол“, вели обвинителот Гарланд.
Компанијата е обвинета дека некои од телефоните ги продава за 1599 долари со значително поголем профит од сите други производители. Но, Apple заработува и од развивачите на софтвер, операторите на кредитни картички, па дури и од конкурентите како Google. Компанијата по различни канали успеала да пронајде начин да ја зголеми својата заработка, пренесе Reuters.

Apple е обвинет дека користи незаконска пракса за да ја задржи својата доминантна положба на пазарот. Компанијата прави сѐ за да ги задржи корисниците во својот еко-систем. Супер-апликациите имаат потенцијал да го олеснат префрлањето од една платформа на друга. Платформите за видеоигри во облак се конкуренција на Apple Arcade. Компанијата го нарушува искуството на корисниците кога користат cross-platform апликации за пораки. Часовниците на Apple се потполно компатибилни единствено со iPhone, Користењето на часовникот со Android оневозможува дел од функционалностите, а дури и за основно сетирање на часовникот е потребен iPhone.
Обвинителот ќе се обиде да покаже дека Applе ги креира уредите за лесно да се интегрираат во сопствениот екосистем, но не и со уредите од конкуренцијата.
Делот во кој ќе треба да се покаже дека Apple Watch на пример не работи подеднакво добро надвор од еко-системот нема да биде тежок да се демонстрира, но значително потешко ќе биде докажувањето дека ова не е поради недостатоците на конкуренцијата или за да се заштити приватноста на корисниците. Заштитата на податоците на корисниците е објаснување кое Apple често го користи кога треба да објасни некои непопуларни чекори.

Токму ова беше случајот со апликацијата на Beeper. Beeper Mini е апликација која овозможува комуникација од повеќе различни сервиси како WhatsApp, Signal, Messenger, Slack на една локација. Апликацијата овозможуваше и на корисниците кои не се на iPhone да испраќаат и примаат iMessages. Ова значеше дека пораките кои се примаа и испраќаа од Android корисниците беа исти како да се од iPhone – без зелени „меурчиња“. Благодарение на ова, контрастот кај текстот беше подобар, а видеата беа со подобар квалитет. Apple направи промени во iMessages и го исклучи каналот кој го користеше Beeper Mini. Beeper се обиде да ја врати функционалноста, но на крај ова заврши со забрана за надворешен пристап до iMessages. Токму ова беше една од причините Брендан Кар да ja повика Федералната комисија за комуникација да ја разгледа работата на Apple.
Отпочнувањето на судскиот процес во САД започнува речиси истовремено со стапувањето на сила на Актот за дигитални пазари во Европската Унија. Покрај Европа и САД работата на Apple ја разгледуваат и во Јапонија и Јужна Кореја.
Нови проблеми за Apple во Европската Унија
Во Европа, Apple мораше да овозможи алтернативни начини за плаќање и продавници за апликации кои ќе бидат конкуренција на App Store. Apple го овозможи ова, но како дел од решението е предвидено сите девелопери кои не го користат сервисот за плаќање на Apple да треба да платат технолошки надоместок во висина од 50 центи годишно за секој корисник.
„Постојат работи за кои имаме исклучителен интерес, на пример, дали новата структура на надоместоците на Apple де факто ќе го направи непривлечно користењето на придобивките од DMA. Ова се работите што ќе ги истражуваме. “, вели Маргрете Вестагер во интервју за Reuters.







