Не е тајна дека сме фанови на визуелни романи. Hazy Mind е роман кој посебно ни се допаѓа бидејќи целосно застранува од општо прифатениот урнек каде приказната обработува тинејџерски драми. Напротив, развојното студио betetiro се фокусира на озбилни психолошки трауми и растројства.

Преку мајсторско-имплементирани наративни техники, Hazy Mind полека, но сигурно ви се провлекува под кожа, ви дозволува навистина да се грижите за ликовите пред екранот, а потоа насилнички ве зграпчува за раката и ве влече низ драматично патување полно со непредвидливи ситуации.
Бунар без дно
Најсилната точка во Hazy Mind не е само приказната, туку и уникатниот визуелен стил.
Набргу ќе се најдете себеси како да сте вовлечени во константен танц помеѓу белите експресивни цртежи на навидум бесконечната црна подлога и неонски бои кои ги истакнуваат контурите на ликовите. Ваквата уметничка одлука, заедно со сиптилните повремени анимации, константно алудираат на беспомошната ситуација во која се наоѓаат ликовите.

Тука е, секако, и тивката, но секогаш угнетувачка музичка подлога, милозвучниот глас на мистериозната девојка и бројните прашања кои неуморно ќе ве прогонуваат. Hazy Mind крие проблематична приказна и неколку интересни краеви. Имајте во предвид дека одредени теми, одредени дијалози и описи никако не се ниту за помладата публика ниту за гејмери кои се во незавидна емоционална состојба.

Hazy Mind може да се провери на Steam, по цена од 600 денари.