Покрај тоа што паметните телефони ги користиме за испраќање на пораки, слушање музика, гледање видеа, фаќање прибелешки и сурфање на интернет, некои најчесто ги користат за да ги обноват статусите на своите профили на друштвените мрежи. Facebook, Twitter, Tumblr, LinkedIn се водечките друштвени мрежи во нашите животи, а најчесто исти работи објавуваме на сите овие профили, па зошто наместо да пишуваме едно исто по повеќе пати, не заштедиме на време и од еднаш да го објавиме тоа на повеќе места?
Polarbear е едноставна апликација која ќе ви овозможи да објавувате статуси на повеќе друштвени мрежи одеднаш. Апликацијата ги агрегира вашите профили и блогови и така без отварање на дополнителни апликации можете да ги ажурирате вашите сметки. Пред да започнете со објавување, потребно е да ги поставите вашите сметки, односно да ја поврзите апликацијата со вашите профили на друштвените мрежи и блогови. Покрај стандардните Facebook, Twitter, Blogger, Tumblr, … во листата го има и IFTTT (If This Then That), односно автоматизирање на процесите.
Поставувањето на сметките е, исто така, многу лесно. Само потребно е да го изберете сервисот што сакате да го поставите и ги впишувате вашите кориснички информации потребни за логирање. Откако ќе завршите со тоа, можете да започнете со објавување на вашите статуси. Сѐ што треба да направите да „кликнете“ на копчето за објавување, да напишете наслов и вашата содржина и да ја објавите. Доколку сакате пораката да не се објави на некој од поврзаните сервиси, лесно можете да ја отстраните со „кликање“ на стрелката покрај „Post to“.
Polarbear е достапна за Android, iOS, Windows Phone и BlackBerry, а можете да ја преземeте од http://www.polarbearapp.com/.








