Pheed е нова друштвена мрежа која станува сѐ популарна помеѓу уметници и тинејџерите. Мобилната апликација ги комбинира Twitter, Soundcloud, Tumblr, Ustream и Instagram. Исто така, корисниците не се ограничени во големината на содржината, односно имаат можност да прикачуваат видео со времетраење до 4 часа и 20 минути, а сликите може да бидат во било кој формат и во било која големина. Преку апликацијата можете да прикачувате фотографии, да снимате видео или аудио, а на крајот од тоа можете и да додадете ваш watermark за да се знае дека ова е ваше оригинално дело. Pheed нуди и закажување на објави.
Pheed нуди зачленување и преку вашите постоечки кориснички сметки на Facebook и Twitter, а на почетокот ќе морате да заследите барем 3 корисници за да продолжите со користењето на друштвената мрежа. Голем дел од верификуваните профили се на млади американски спортисти, музичари и видео продуценти кои не се толку многу познати на нашата јавност. Исто така, на почетокот можете да ги поканите сите ваши пријатели од Facebook, Twitter или преку мејл. А вашиот канал можете да дизајнирате со сопствена позадина и да додадете кратка биографија.
Покрај стандардните опции и можности за една друштвена мрежа, Pheed нуди и заработка. Имено, оваа друштвена мрежа има можност за овозможување на претплати на вашиот канал. Со користењето на Pheed ќе можете да заработите од 1,99 до 34,99 долари од pay-per-view броадкастите или, исто толку пари, за месечна претплата. Заработката ја делите 50-50 со Pheed.
Во моментот Pheed друштвената мрежа е достапна преку веб и за iOS, додека наскоро се очекува да биде објавена и Android верзијата.








