(Овој текст е поддржан од Vip, како дел од кампањата “#Заедно е подобро.”)
Тие се нашиот најзафатен, најпрофесионален и веројатно најсладок фотографски пар. Нивната пасија за создавање на фотографии со душа се чувствува во секој фајл кој ќе излезе од нивните мемориски картички, без разлика дали фотографираат проект од моден, комерцијален, концептуален, гастрономски, спортски или некој друг карактер.
Зависници од работа, неуморни, забавни и неверојатно талентирани, Андријана Костова Петровска и Димитар Петровски се дуо од соништата, пар кој совршено се надополнува и тим кој #заедно секојдневно ја збогатува македонската фотографска историја.
Зборувавме со нив за нивниот заеднички процес на работа, за омилените типови на фотографија, за фото опремата со која создаваат магија и за тоа што значи да ја претвориш својата страст во профитабилна кариера.
Како навлеговте во светот на фотографијата и кога почнавте да работите #заедно? Кој тип на фотографија најмногу ве исполнува?
Ани: Жената, нејзината убавина и сензибилитет беше мојот старт. Тука се пронајдовме со Дими, така почна и сè уште трае таа приказна. Почнавме така што после повеќе фотосесии не знаевме која слика е чија и едноставно ни светна дека можеби треба да пишеме Ани Дими.
Дими: Она што ми се допаѓаше кај Ани на почетокот, беше што за разлика од повеќето други фотографи почетници, не сликаше цвеќенца, мачиња и пеперутки. Ми беше интересно што беше креативна, а веројатно се пронајдовме во жебата да сликаме луѓе и во сличната естетика. Почнавме да сликаме #заедно and one thing led to another. :)
Кои се предностите на работата во пар? Има ли јасни граници за тоа која улога ја има Ани, а која Дими, или се менува во зависност од проектот? Како се надополнувате и како работењето #заедно придонесува за подобар финален продукт?
А: Од почетокот сликаме и работиме заедно и јас не можам да замислам друг начин. Сè уште знаеме да се „степаме“ за апаратот и за тоа кој ќе направи подобра фотка, ама мислам дека тоа е клучното нешто што нè прави успешен фотографски тим. Мислам дека надополнувањето со идеја и кадар е најголемата предност.
Д: Фино е што се надополнуваме често. Ани е подобра во обработката, јас сум подобар во светлото. Понекогаш е предност тоа што додека едниот слика, другиот има можност да види некој алтернативен кадар и потоа да направиме подобра фотка.
Каков е вашиот креативен процес? Дали имате заеднички „brainstorming“ сесии? Што генерално ги инспирира вашите идеи?
А: Сè е инспирација, а секојдневното гледање фотки ми помага да ја оформам првичната идеја што ја имам замислено.
Д: Добро се разбираме и имаме слични фотографски идеи, па честопати не ни треба да правиме заеднички „brainstorming“. Многу е јако кога знаш во која насока ќе размислува другиот, а понекогаш е уште подобро кога ќе те изненади идејата. Инспирација за сликање може да ни биде сè, од некоја добра фотка, преку филм, серија или музика, па до ситуацијата во општеството. Мислам дека имаме различни инспирации во различни периоди – сега на пример ме инспирира природната светлина и спортот односно акциските фотографии.
Историското прашање: Canon или Nikon? Омилен објектив? Студио или природна светлина? Која е вашата најдобра инвестиција во поглед на опрема?
А: Никогаш не ме интересирале техничките перформанси кај апаратите, а Canon-от што го имаме си го сакам најмногу со фиксната 50-ка. Од друга страна многу често фотографирам во студио и баш затоа понекогаш ми фали природна светлина, која не знам кој фотограф не ја сака. :)
Д: Ние сме „канонџии“, но не бидејќи бојата била подобра или не знам што, туку бидејќи тоа бил првиот апарат околу кој сме почнале да го градиме системот. Цврсто верувам дека е далеку поважно што имаш во главата, отколку кој бренд го пишува на апаратот што го имаш во рацете. Во поглед на објективите веќе подолго време ми е омилен Canon 35 f/1.4 L – едноставно ми се допаѓаат аголот и острината што ги нуди. Периодов се „палам“ многу на природна светлина иако многу често работиме студиски. Во поглед на инвестицијата мислам дека купувањето на филмската Mamiya RB67 Pro S со три објективи во куфер е најдобрата работа што сме ја купиле – беше релативно евтин, а иако апаратот е стар, острината на објективите е неверојатна и изгледот на медиум форматот е прекрасен.
Колку е важна обработката на фотографиите според вас? Како влијае на финалниот продукт? Фотографиите ги обработувате #заедно или ги делите?
А: Мислам дека обработката е исклучително важен дел за најдобро да се истакне тоа што сте го замислиле и да го добиете она што го сакате од фотографијата. Модната и портрет фотографијата си бараат обработка. Кога ќе ја видам фотографијата на апарат веке ја замислувам обработена и едвај чекам да ѝ седнам. :)
Д: Многу ми е смешно кога ќе видам некој што пишал под фотка „без обработка“, како тоа да е некое врвно достигнување. Многу повеќе кажува „не знам да работам Photoshop“ отколку „види колку добра фотка сум направил“. Така што, дефинитивно сум за обработка, но преферирам кога таа делува природно или незабележително и само го нагласува ефектот што сме сакале да го доловиме со фотката. Инаку, Ани е таа што обработува, а #заедно ја правиме селекцијата на фотките.
Кој софтвер го користите за обработка на фотографии и колку време просечно поминувате на обработка на една фотографија?
А: Ова многу зависи од фотографијата што ја обработувам и за која намена е. Ако е некој портрет што треба да изгледа перфектно, има многу работа околу гланцањето на кожата и се случува да потрошам неколку часа на само една фотографија.
Д: Зависи од задачата – на пример за некои настани Lightroom e незаменлив бидејќи дава одлична брзина за обработка и експортирање на голем број фотографии. За сите посериозни сесии, комбинацијата на Photoshop и Nik Software е незаменлива.
Дел од вашите фотографии ги нудите и на „stock“ веб страни. Кои се предизвиците на продавањето на „stock“ фотографии?
А: Предизвик е слободата да го сликаш тоа што сакаш, а паралелно и да заработуваш oд истото. :)
Д: Предизвикот е да направиш фотка што ќе му се допадне и ќе му биде баш она што барал на некој дизајнер или клиент што живее илјадници километри од тебе.
Дали фотографирате и со мобилни телефони? Кои се вашите омилени апликации за обработка на фотографии?
А: Смартфонот е мојот прв „зачувувач“ на моментите бидејќи секогаш го имам со себе. VSCO, Afterlight и Instagram ми се хит и обожавам да ги комбинирам заедно до финалниот изглед на фотката.
Д: Најдобриот апарат е оној што го имаш со себе, така што да, често сликаме со смартфоните. Генерално Afterlight е првата апликација во која ја отворам фотката, а потоа оди на доработка во Instagram.
Следете ги Ани Дими #заедно на Instagram и Facebook и разгледајте го нивното богато портфолио на AniDimi.com.
Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip
[…] пар Ани и Дими, кои пред некое време ги интервјуиравме за тоа како е да се работи заедно денеска на својот […]