Првиот Startup Weekend пристигнува во Битола

0 коментари 2 мин. читање

Од 11 до 13 септември 2026 година, во Битола ќе се одржи првото издание на Techstars Startup Weekend. Во Офицерскиот дом ќе се презентираат нови идеи, ќе се формираат тимови, а дел од учесниците ќе ги направат своите први чекори во претприемништвото.

Организатор е Qworkingo – Coworking Space Bitola, кој по повеќе настани и активности за поддршка на претприемачите и фриленсерите, го носи овој меѓународен формат во Битола. Целта е да се поврзат луѓе со различни знаења и искуства и да им се даде можност заедно да работат на сопствени бизнис-идеи.

Билетите се веќе во продажба преку Karti. Студентскиот билет чини 600 денари, а редовниот 1.000 денари. Во цената се вклучени учество во целата програма, работилници, менторска поддршка, храна, кафе и освежување.

Startup Weekend е 54-часовен настан на кој програмери, дизајнери, студенти, маркетинг-експерти и претприемачи споделуваат идеи и работат на нивниот развој. Од формирањето на тимовите во петок до завршните презентации во недела, учесниците го истражуваат проблемот што сакаат да го решат, ја проверуваат својата идеја со потенцијални корисници и работат на бизнис-модел и прототип. Досега се одржани повеќе од 7.000 вакви настани во над 150 земји, а сега за првпат и во Битола.

За учество не ви требаат сопствена идеја, готов тим или претходно стартап-искуство. Можете да дојдете сами, да се приклучите на тим и да придонесете со своите вештини и интереси.

Низ процесот ќе ве водат ментори со претприемачко и деловно искуство, а на крајот ќе го претставите сработеното пред жири. Викендот ќе го води Симоне Демелас, фасилитатор од Италија. Потврдените ментори и членови на жирито можете да ги погледнете на swbitola.com.

За Qworkingo, добивањето на лиценцата за Techstars Startup Weekend е чекор поблиску до целта да се отвори повеќе простор за нови проекти во Битола и регионот. Знаењето што локалните професионалци го вложуваат во проекти за клиенти може да биде основа и за нивни производи и бизниси, а овој викенд е можност да најдат соработници и да почнат да работат на нив.

За трите најдобри тима се потврдени наградни пакети со вкупна проценета вредност над 25.000 евра. Наградите вклучуваат програми, консалтинг, работен простор и други ресурси за понатамошен развој, со цел развивањето на идејата да продолжи сè до готов продукт.

Бројот на места е ограничен. Купете билет и придружете се на првиот Techstars Startup Weekend во Битола.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед