Во јули во Скопје за првпат се одржа Crazy for AI: Executive Edition, ексклузивен AI форум наменет за бизнис лидери од ИТ секторот. Настанот, организиран од CrazyLabs во Chateau Kamnik, собра повеќе од 50 извршни директори и лидери од ИТ индустријата, претставници на ФИНКИ и ВЕЗИЛКА, како и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
На 15 септември следува второто издание на форумот, овој пат во соработка со Intertec и во поинаков, понеформален амбиент.
За идејата зад овој формат, реакциите по првото издание и плановите за понатаму разговаравме со Даниела Мишевска Топуков, Site Manager на CrazyLabs Македонија.
Како воопшто дојде идејата за ваков настан?
Даниела Мишевска Топуков: Crazy for AI: Executive Edition е прв настан од овој вид во Македонија. Има многу конференции за АИ, но ниту една не е наменета специфично за извршни директори во затворен, неформален формат каде луѓето навистина можат да зборуваат отворено.
Сакавме да создадеме простор каде лидерите ќе ги споделуваат реалните искуства, предизвиците и дилемите со кои се соочуваат при воведувањето на AI, а не само успешните приказни што вообичаено ги гледаме во јавноста.
Настанот беше организиран и спонзориран од CrazyLabs, но бенефитот беше заеднички. Сакавме да создадеме нешто вредно за целата македонска ИТ заедница, не само за нас.
Второто издание доаѓа прилично брзо по првото. Што ве наведе да не чекате долго?
Реакциите по јулскиот настан беа над нашите очекувања. Голем дел од присутните го споделија истиот впечаток дека токму ваков формат недостасува во македонската ИТ заедница.
Кога добиваш толку јасна и конзистентна порака, логично е иницијативата да продолжи.

Овој пат имате партнер — Intertec. Како дојде до таа соработка?
Од самиот почеток идејата беше ова да не остане само настан на CrazyLabs, туку постепено да прерасне во форум на македонската ИТ заедница.
Вредноста е поголема кога во организацијата се вклучуваат повеќе компании, со различни искуства и перспективи. Затоа второто издание го организираме во соработка со Intertec, а би сакале во иднина во иницијативата да се вклучат и други компании од заедницата.
Локацијата и форматот се доста поразлични овој пат. Зошто ваква промена?
Првото издание беше поформално бидејќи сакавме да поставиме одреден стандард и да ја покажеме сериозноста на темата.
Со второто издание, кога веќе имаме изградена доверба и препознаена вредност на форматот, сакавме да создадеме порелаксирана и поотворена атмосфера. Затоа овој пат настанот ќе се одржи на rooftop просторот во Intertec, локација која природно одговара на идејата за подиректна комуникација, полесно поврзување и разговори што не се ограничени само на формалниот дел.
Истите луѓе, истото ниво на разговор, но во амбиент кој остава повеќе простор за размена на идеи и искрена дискусија. Најдобрите идеи и најискрените разговори често се случуваат токму во таква атмосфера.

Дали планирате ова да стане редовна пракса?
Да, апсолутно. Целта е Crazy for AI: Executive Edition да прерасне во иницијатива што македонската ИТ заедница ќе ја очекува неколкупати годишно.
AI се развива со огромна брзина и сите се соочуваме со слични прашања. Токму затоа сметаме дека е важно лидерите почесто да се собираат, да разменуваат реални искуства и да учат едни од други.
Бројот на места е ограничен. Заинтересираните бизнис лидери можат да побараат покана преку следниот линк, по што ќе добијат потврда за присуство.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...