Додека ние се обидуваме да сфатиме колку царина ќе платиме за 3D принтер, некој веќе работи на тоа мобилниот телефон да ни се поврзува директно со сателит.
Оваа недела на IT.mk имавме по малку од двете.
Starlink Mobile се приближува до Македонија, AI повторно нè натера да зборуваме за иднината на програмерите, еден македонски стартап сака да го реши проблемот со глобалните плаќања, а форумот остана форум – место каде што NVIDIA, царина, оператори и Exynos можат сосема нормално да постојат во ист ден.
Starlink Mobile во Македонија?
Една од поголемите вести неделава дојде од SpaceX и 4iG.
Двете компании постигнаа договор за воведување на Starlink Mobile во дел од Централна Европа и Западен Балкан, а во плановите е и Македонија.
Идејата е едноставна, барем за корисникот: телефонот да може директно да комуницира со сателит кога класичната мобилна мрежа не е достапна.
Услугата треба да биде дополнување на мрежата што ја гради новиот оператор One Macedonia.
Од „немам мрежа“ до „чекај да фатам сателит“ за само неколку години.
Не е лошо.
AI нема да ги замени програмерите. Ама можеби ќе ги замени програмерите што не го користат?
Оваа недела повторно стигнавме до омиленото прашање на ИТ индустријата во последниве три години:
Ќе нè замени ли AI?
Векослав Стефановски во подкастот „Во Изработка“ има малку понијансиран одговор.
Програмерите нема да исчезнат. Но, летвичката ќе се крене.
Кога AI веќе може за неколку секунди да напише функција, да поправи баг, да генерира тестови или да помогне да се склопи цела апликација, вредноста на програмерот сè помалку е во тоа колку брзо пишува код.
Многу поважно станува дали разбира што гради, зошто го гради и дали знае да донесе добра инженерска одлука.
Со други зборови, AI можеби нема да ни ја земе работата.
Ама дефинитивно ни го менува описот на работното место.
AgentaOS сака да реши еден многу македонски startup проблем
Имаш SaaS, имаш корисници, некој сака да ти плати, и сѐ е супер дур не не стигнеш до прашањето: Како?
Секој што пробал да продава дигитален производ глобално од Македонија веројатно барем еднаш се сретнал со приказните за компании во Делавер, Естонија, странски payment processors и целата административна гимнастика што следи со нив.
Токму овој проблем се обидува да го реши Панче Исајески со AgentaOS.
Концептот е Merchant of Record – инфраструктура која треба да преземе дел од компликациите околу наплата, даноци и продажба на дигитални производи на глобален пазар.
Не е најсекси проблемот што може да го решава еден стартап.
Но за некој што некогаш пробал да наплати SaaS од Македонија, веројатно е еден од поважните.
Во меѓувреме, царината останува undefeated
Додека глобалната технологија решава сателитски интернет и AI агенти, на форумот имаме едно многу попрактично прашање:
Ако нарачам 3D принтер од странство, колку точно ќе ме чини кога ќе стигне во Македонија?
Дискусијата за царинската тарифа повторно оживеа со прашања околу увозот, ДДВ, DHL/FedEx, царинските постапки и праговите за пратки.
И нормално, тука некаде повторно е и Temu.
Бидејќи ништо не може да ја обедини македонската ИТ заедница како прашањето:
„Добро, ама колку ќе ме фати сè на крај?“
Можеби токму тоа е најстабилната технологија што ја имаме.
Samsung и Exynos: традицијата продолжува
Ако постои тема на IT.mk форумот што може да преживее повеќе генерации телефони, процесори и корисници, тоа е Samsung.
Генералната дискусија за Samsung паметните телефони веќе има повеќе од 17.000 коментари, а неделава повторно стигнавме до добро познатата тема:
Exynos vs. Snapdragon.
Перформанси, батерија, потрошувачка, нови генерации чипови…
Моделите се менуваат.
Аргументите – значително потешко.
А NVIDIA? Таму оптимизмот е малку поскап
Активна беше и генералната NVIDIA дискусија, каде што веќе се гледа кон следната генерација GeForce.
Дел од форумџиите се надеваат на вистински generational jump со 60-серијата.
Други се малку поскептични дека NVIDIA воопшто има причина да биде толку дарежлива.
Што, ако ја следиме историјата на цените на графичките картички, можеби и не е неразумна претпоставка.
Во секој случај, едно е сигурно:
Следната NVIDIA генерација уште не е тука, ама дискусијата за тоа дали ќе биде прескапа веќе почна.
Efficiency.
И тоа е IT.mk неделава
Од сателити директно до мобилен и AI што ни го менува начинот на работа, до царина за 3D принтери и вечната Exynos дебата.
Што, всушност, е прилично добар пресек на IT.mk.
Се читаме следната недела.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...