Не е никаква тајна дека сме огромни фанови на Owlcat Games. Ова развојно студио има направено исклучително забавни и популарни cRPG игри. Неодамна, нашироко пишувавме за нивната последна игра – Warhammer 40,000: Rogue Trader. Овојпат, би сакале да се навратиме на нивната претпоследна игра. И на трите причини поради кои навистина морате да ја проверите Pathfinder: Wrath of the Righteous Game of the Year Edition!
Pathfinder: Wrath of the Righteous доаѓа по релативно успешната игра од 2018-та година – Pathfinder: Kingmaker! Охрабрени од успехот на таа игра, Owlcat Games ги засукуваат ракавите и целосно се посветуваат на уште една игра од Patfinder универзумот.


Причина бр. 1: Одлична и долга кампања со комплексни механики
Вашата мисија ќе ве одведе во Worldound – место кое е познато по отворање на пеколен процеп низ кој поминува терор од невиден размер. Вашата задача е да пробате да ставите крај на конфликот кој скоро цел век не може да се задуши. Дали ќе успеете во тоа? Секако дека да! Но, патот до крајот е она што прави целото искуство да вреди исклучително многу.

Приказната и гејмплеј механиките во Pathfinder: Wrath of the Righteous строго се препорачуваат на сите Dungeons and Dragons фанови. Се работи за наративно остварување кое ќе ве одведе на незаборавно и запрепастувачко-долго патување. По неколку недели играње, ќе сфатите дека ова е игра која посветува внимание на апсолутно се, само не на вашето време. Доколку сакате детално да навлезете во Pathfinder: Wrath of the Righteous, заедно со сите дополнителни додатоци, очекувајте месеци и месеци незаборавна забава.

Природата на доброто и злото
Низ приказната ќе имате бројни можности да донесувате одлуки кои влијаат на моментната ситуација во која се наоѓате. Строго се препорачува да се читаат дијалозите и да се донесуваат информирани одлуки, како и да знаете каков сакате да бидете: добар, злобен или се што е измеѓу. Pathfinder: Wrath of the Righteous ја испреплетува приказната низ најразлични нелинеарни патишта, дозволувајќи ви да создавате онакви односи како што вие сакате. Во ниеден момент, меѓутоа, нема да се чувствувате како играта да фрла премногу работи кон вас. Многуте механики се отвораат етапно и без брзање, дозволувајќи ви секогаш да откривате свежи и нови работи.

Во суштина, Pathfinder: Wrath of the Righteous е класична RPG игра, или cRPG. Тоа значи константно истражување од изометрична перспектива, долги и проникливи разговори со најразлични ликови, донесување значајни одлуки и, секако, водење предизвикувачки битки. Битките во оваа игра се засновани на редови, со што се одредува кој од вашиот тим да напаѓа или да се брани во одреден даден момент.Нормално, доколку не сте по turn-based, сите битки може да се водат во реално време, со често паузирање на акцијата. Ние, лично, сметаме дека играта е значително подобра преку првиот систем.

Најдоброто од двата света
Во сите овие аспекти, клучна улога имаат најразличните класи, како и таканаречените митски способности. Овие две работи дополнително го дефинираат ликот со кој играте, давајќи ви богати можности за создавање уникатен херој. Како напредувате низ играта, така се создаваат покомплексни можности за време на turn-based или real-time системот, нешто што е дополнително потпомогнато од богатите способности на вашите сопатници. Независно од начинот на кој решите да ги водите битките, системот за имплементација на нападите е брз и интуитивен, допринесувајќи до задоволителни акциони моменти.

Надвор од битките ќе можете и да крафтате корисни работи преку системот поврзан со алхемија, или пак да градите значајни односи со сопатниците. Немавме никаква забелешка за километрите текст – голем дел е внимателно напишан и значајно ги истакнува карактерите и однесувањето на ликовите. Но, посакувавме да имаше некоја динамичност во камерата или некакви, барем суптилни анимации поврзани со сликите на ликовите. Кога излезе играта, голем дел од анимациите знаeја да делуваат застарено и, со тоа, нереалистично. Бројните закрпи, меѓутоа, се имаат погрижено сега играта да изгледа значително подобро и полесно да можете да бидете вовлечени во имагинарниот свет, нешто што е значително потпомогнато и од квалитетната глума и музичка подлога.

Дефинитивно не би сакале ни да го прескокнеме режимот преку кој, ала Heroes of Might and Magic, водите цели армии. Во овој целосно нов тактички режим, вие управувате со крстоносци и го контролирате бојното поле сако како теренски командант. Иако модот е забавен, глув е на сите ваши преколнувања за брзи битки, барајќи голема временска посвета. Ова, во комбинација со едноличните анимации и напади дополнително би можеле да одвратат одреден број играчи кои се првенствено по класична RPG игра. Нам, меѓутоа, ни беше мило да го најдеме овој режим тука и гледавме на него како на пријатно освежување.

Причина бр. 2: Шест премиум додатоци
Како што напоменавме, Pathfinder: Wrath of the Righteous е исклучително долга игра, нешто што е дополнително проширено со бројните садржајни додатоци. Секое од шестте платежни додатоци додава или ја проширува основната игра.
Па така, Wrath of the Righteous ви дозволува да истражувате огромно место така што воведува rogue-like режим, а Through the Ashes ви дозволува да заиграате мини кампања во времетраење од десетина часа, како и да регрутирате два сопатника.
Од друга страна, Inevitable Excess се одликува со целосно нова приказна која се надоврзува на главната кампања, а The Last Sarkorians ви дозволува да навлезете во огромниот свет како целосно нова класа и со нов сопатник и со нови магии.
Како за крај, A Dance of Masks крие нова авантура,. како и лични настани за секој сопатник, но и неколку интересни можности за романса, додека The Lord of Nothing се надоврзува на приказната почната од второто DLC.
Низ овие шест премиум додатоци, ќе наидете и на….
Причина бр. 3: Четири (плус едно) бесплатни додатоци
Visitors from Morta е додатоко кој е инспириран од феноменалната инди игра – Children of Morta. Со оваа DLC ќе добиете два нови архетипови, нов магичен предмет и нова фризура. Faces of War е исклучително скромен додаток кој го збогатува вашиот арсенал од портрети, фризури, лица и слично, додека Paint of War вдомува серија од тетоважи, како и можността за промена на боите на очите.
Тука некаде, ќе наидете и на Love Beyond Death – додаток кој се одликува со спореден квест поврзан со петтото поглавје од играта, како и A Visitor from Distant Lands – додаток кој ќе ви дозволу да се вљубите во прекрасно и невообичаено милениче.
Бонус причина: Закрпа 2.5
Излегувањето на Game of the Year изданието е пропратено и со закрпата 2.5. Оваа бесплатна закрпа го проширува Gold Dragon Mythic патот така што воведува нови визуелни подобрувања, проширувања на механиките, нови магии, наративни надополнувања, и многу повеќе.

Оние кои штотуку почнуваат со Gold Dragon ќе наидат на две нови религии поврзани со змејот. Доколку се посветите на Златниот Змеј, ќе уживате и во нови благослови и, како што напоменавме: 10 митски својства, 10 магии, суптилно проширување на приказната, и слично.




Летот на златниот змеј
Усовршување на совршенството
Pathfinder: Wrath of the Righteous Game of the Year Edition е ултимативната верзија за максимална имерзија. Да, некои додатоци не воведуваат доволно добри новитети, но основната игра, која е одлична сама по себе, е значително подобра со сите додатоци и надополнувања. На времето, оваа игра се нарекуваше како една од најдобрите RPG игри од 2021-та година. Сега, Pathfinder: Wrath of the Righteous Game of the Year Edition е едно од најдобрите комплетни изданија и служи за пример како да се надгради нешто што е веќе совршено.

Оние кои се спремни да се втурнат во незаборавна авантура, ќе наидат на комплексна приказна која се протега низ најмалку 150 часа. Низ кампањата, ќе ви се отвори пат за десет митски патишта, 25 уникатни класи и 160 архетипови. Паралелно со ова, ќе бидете придружувани од 12 сопатници, донесувајќи најразлични одлуки со озбилни последици. Внимавајте да не се заљубите во некои од нив.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Owlcat Games
- Издава: META Publishing, Owlcat Games
- Жанр: cRPG
- Платформа: PC, конзоли
- Излезе на: 2 септември 2021







