Рецензија: Warhammer 40,000: Rogue Trader

Размазени од деталниот свет и комплексните механики во Baldur’s Gate 3, долго време баравме соодветна замена. Како огромни фанови на Warhammer 40,000 универзумот, со огромно внимание ја следевме и најавата и излегувањето на чедото на Owlcat Games. Но, Rogue Trader вешто ни се провлекуваше низ прстите и никако не успевавме соодветно да навлеземе во богатиот универзум на sci-fi интриги. Мило ни е што работите сега се променети. Warhammer 40,000: Rogue Trader ги исполнува сите наши очекувања и нуди детално разработен свет од развојното студио најдобро познато по Pathfinder: Wrath of the Righteous играта.

Долга игра полна со впечатлива приказна, харизматични ликови и комплексни гејмплеј механики

Уште на самиот почеток, пред започнување на новата кампања, ќе наидете на огромен избор при креирање на почетните параметри. По одбирање на тоа дали да биде активирано најновото DLC во основната кампања (повеќе за ова – подоцна!), ќе можете да изберете една од пет претходно дефинирани нивоа на тежина. Многу параметри не се врежани во камен и, доколку сакате, лесно можете да менувате бројни процентуални вредности, како колку способни да се непријателите во избегнување удари, колку да трајат одредени статистички влијание, со која тежина да се одвиваат вселенските битки, и многу повеќе. За оние кои копнеат по ултимативниот предизвик, ја имате на располагање опцијата Grim Darkness.

Grim Darkness е само еден сејв кој се прави по излегување на играта, а сите одлуки, победи и порази се од неповратен карактер

Играта можете да ја започнете со еден од три претходно дефинирани ликови (Hecata, Darrius или Bahardor). Иако ликовите се одлично и различно разработени, строго препорачуваме да направите кафе и натенане да си направите целосно нов лик, достоен на вашето име. Самата процедура на создавање лик е долга и трнлива, ставајќи ве често во недоумица со која опција да одите, не затоа што е нејасно, туку затоа што има премногу и едноставно сакате од се по нешто. Покрај изглед, ликот се одредува според светот во кој е роден, потеклото, значаен триумф од минатото, проблематично минато, архетип, карактеристики, и вселенски брод. Секоја од овие категории се одликува со клучни параметри кои значително ги менуваат способностите на вашиот лик и ви дозволуваат да ја играте играта на начин на кој вас највеќе ви одговара.

За добро или лошо, ова е ликот кој ние го направивме – племенски војник кој специјализира во оружја од далечина и со високи способности за убедување

Легија од текст за читање

Warhammer 40,000: Rogue Trader е игра во која посебно внимание се посветува на нудење алатки за создавање лична приказна. Во зависност од изборите кои ги донесувате за време на дијалозите, ликовите соодветно ќе реагираат. За брзо време ќе сфатите дека она што сте мислеле дека е мало незначајно нешто, има начин да ви се врати подоцна во играта како експозивен бумеранг, зашеметувајќи ве целосно со задоцнетите последици. На приказната е посветено големо внимание, како во осмислувањето на заплетите, така и во раздлабочување на меѓусебните интеракции. Преку нудење што е можно побогати дијалози и описи, Warhammer 40,000: Rogue Trader станува ризница од квалитетно-срочен текст, академски описи, комплексни односи, и значајни одлуки.

Одредени зборови би можеле да се непознати за почетниците и доколку застанете со стрелката над нив, ќе добиете дополнително појаснување. Десниот клик, пак, ја отвора енциклопедијата и нуди посодржајни објаснувања

Warhammer 40,000: Rogue Trader се игра како стандардна класична RPG игра. Тоа значи дека со левиот клик му наредувате на ликот да се движи, или пак му наредувате да стапи во интеракција со одредени лица, предмети или ситуации. Мапите се прекрасно осмислени и со запрепастувачко многу детали поврзани со Warhammer универзумот. Со кликнување на различни лица и предмети, ќе бидете опсипани со дополнителни информации за местото во кое се наоѓате и улогите кои се извршуваат. Нема недостаток на суптилно сервирање лор преку масовни текстуални индиции.

Дете на Pathfinder и XCOM

Што се однесува до самите битки, се работи за стандарден систем со запазување редови (turn-based). Што започне битката, мапата зазема мрежаста форма, а вие и вашите сојузници се движите, напаѓате и користите способности како што ви доаѓа редот и во зависност од преостанатите поени за движење и акција.

За време на битките, можете да се криете зад одредени препреки, да уништите неколку непријатели од еднаш преку разорни напади или пак да споделувате или впивате позитивни ефекти. Војното поле е хаотичен спектакл. Во една ситуација, проектилот на непријателот го погоди нашиот сојузник и излезе од телото само за да се вдоми во еден друг непријател. Во друга ситуација, фасцинантно набљудувавме како нашите автоматско контролирани сојузници заледуваат, палат и касапат сѐ преку организирани предаторски движења.

Разноликоста на битките зависи од луѓето кои ги имате во вашиот тим, оружјата кои ги користите и способностите кои ги користите. Aко нешто има Warhammer 40,000: Rogue Trader за извоз тоа е арсенал од овие три работи. Благодарение на тоа, секоја битка може да се одигра на стотици различни начини, принудувајќи ве да размислувате и користите ефикасни тактики за заедничко и ефикасно елиминирање.

За најголеми шанси за победа, помага и вашата теренска позиционираност, оружјето кое го користите и специјализацијата која ја применувате. Одредени способности и таленти исто така може да ви помогнат поретко да промашувате, а почесто да сервирате критични удари. Кога на сево ова ќе ја додатете уникатноста на непријателите, односно серија од уникатните каратеристики и способности, заедно со различното функционирање на оружјата во зависност од непријателската поставеност, добивате формула за непредвидливи и секогаш-забавни пресметки.

Сите напади, способности и елиминации се визуелно исполнителни и пропратени со соодветни ефекти и успорување на времето, сѐ со цел да се понуди брутално и веродостојно искуство. За уште поголема имерзија, Warhammer 40,000: Rogue Trader има комплексен RPG систем кој дозволува да направите уникатни билдови преку експериментирање и комбинирање најразлични класи. Кога сите овие работи ќе ги соберете и кога на сето ова ќе додадете квалитетна професионална глума и музичка подлога која е достојна за Warhammer 40,000 универзумот, добивате една од најдобрите RPG игри, наслов кој има огромна вредност на преигрување.

Далеку од тоа да тука завршуваме. Warhammer 40,000: Rogue Trader има и комплексно изработени и одлично одглумени сопатници. Секој сопатник се одликува со уникатни карактеристики и детални историски позадини. Во чести ситуации гласовите се позајмени од професионални актери. Иако често си велевме дека не ни пречи, потајно посакувавме да има целосна покриеност со гласовите. За жал, во бројни ситуации само ќе читате текстови и дијалози, нетрпеливо исчекувајќи го враќањето на гласовите за одредени клучни ситуации. Имајте во предвид дека за целосно уживање во играта, потребно е да читате исклучително многу текст и интимно да се запознавате со комплексниот свет. Оваа временско развлекување, ако и може да се каже така, е присутно и за време на битките. Имено, некои битки се против бројни непријателски единици и знаат да потрајат долго време, особено во ситуации кога сте сите расфрлани низ поголема мапа.

За среќам ко-оп модот ќе се погрижи да не поминете низ 100-часовната кампања сами. Па така, во оваа cRPG игра ќе можете да играте со уште пет други играчи, искусувајќи ги бројните дијалози и битки преку стратешко комбинирање способности.

Warhammer 40,000: Rogue Trader – Void Shadows

Во моментот кога ќе завршите со основната кампања и ќе посакате уште од приказната и механиките, најновото DLC за играта излезе пред недела дена. Насловено како Void Shadows, додатокот целосно се интегрира со основната игра. Ви дозволува да ја проширите кампањата за уште дополнителни 15 до 20 часа така што воведува нова приказна , нова сопатничка која може да биде повеќе од сопатничка и нови локации за истражување. Void Shadows е исклучително квалитетен додаток кој заслужува посебен текст. Останете со it.mk за да прочитате за нашето мислење во деновите што следат!

Во меѓувреме, доколку сте фанови на комплексни cRPG игри, топло препорачуваме викендов да ја проверите Warhammer 40,000: Rogue Trader. Развојното студио Owlcat Games се има надминато себеси и нуди запрепастувачко впечатлив универзум, полн со богата приказна, незаборавни ликови, и комплесни механики за неброени часови уникатни преигрувања.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
2 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk