Enigma of Fear е инди игра која се одликува со квалитетна хорор приказна, огромен отворен свет и бројни можности за:
- Истажување
- Решавање загатки
- Прикрадување
- или борење

Тапкање во мракот
Со заеднички сили, студијата Dumativa и Cellbit имаат направено игра која е за многумина едно од најпријатните изненадувања во 2024 година. Уникатниот визуелен стил, динамичната музичка подлога, впечатливите звучни ефект и, предизвикувачките загатки имаат допринесено Enigma of Fear стабилно да седи на Steam со 92% позитивни рецензии.
Во Enigma of Fear играте со Мија. Како паранормален детектив, Мија има за задача да го најде нејзиниот татко. Потрагата ќе ја одведе во место кое се вика Периментар – огромен свет кој технични не би требало да постои. Она што ќе најдете тука е мистерија која станува поголема со секоја трага што ќе ја откриете.

Клучните механики во Enigma of Fear се самостојно истражување на огромен свет и решавање предизвикувачки загатки – две работи на кој авторот на овој текст не е преголем фан. Но, она што не „влечеше“ низ играта беше приказната. Enigma of Fear се одликува со невообичаена и комплексна приказна на која не можевме рамнодушно да ѝ завртиме круг. Исто како и кучето кое ја придружува Мија и е нејзина допирна точка со реалноста, така и ние сакавме да ја истераме приказната до крај.
Од една страна, ни се допадна прекрасната графика и дизајн, нешто што едноставно морате да го доживеете. Бројните скриншотови и видеа не можат правилно да ја доловат мрачната убавина на светот. Толку многу работи се случуваат од еднаш, да едноставно не знаете на што да посветите внимание. Начинот на кој камерата ве води или се фокусира на некој предмет, често ве охрабрува да сакате да стапите во интеракција со сите можни предмети околу вас. Динамичната музика се погрижува да бидете правилно мотивирани и за време на истражувањето и за време на битките. Сите од петте области во огромниот свет се уникатно осмислени и не би можеле да се поразлични еден од друг.

Од друга страна, немате соодветни туториали и често морате да експериментирате со контролите. Ова знае да биде најголем „проблем“ за време на загатките. Доколку сте помалку трпеливи и сакате полесни загатки, ова не е игра за вас. Но, доколку уживате да бидете збуденти од инвентивните загатки, доколку немате проблем да лутате низ мапите, незнаејќи каде треба да одите и што треба да правите, тогаш Enigma of Fear е игра само за вас. Кампањата лесно може да потрае и до 25 часа, така да бидете спремни на долго и незаборавно искуство.
Во таквото нешто ќе помогнат и механиките за прикрадување или директна конфронтација. Имено, во одредени моменти кога имате чудовишта во ваша непосредна близина, ќе можете или да пробате незабележано да се провлечете покрај нив или пак да пробате да се соочите со нив. Проблемот овде е тоа што ниту прикрадувањето ниту битките не се толку забавни. Девојката се споро движи, дури и кога трча, а нема кој знае какви можности за забавно елиминирање на непријателите. Иако ја цениме оваа можност, секоја наредна конфронтација ни беше за нијанса поздодевна од претходната.

Кога ќе се земе се во предвид, Enigma of Fear е квалитетна игра која бара посебна група на гејмери, гејмери кои не се плашат да бараат стотици и стотици траги во огромен свет во кој лесно може да се изгубат. Сите оние што бараат помејстрим наслов би можеле да бидат разочарани. За сите оние што сакаат квалитетен предизвик во детално осмислен универзум полн со наративни изненадувања, Enigma of Fear лесно би можела да биде инди хорор игра на годината.




Повеќе детали за играта
- Произведува: Dumativa, Cellbit
- Издава: Dumativa, Nuuvem Inc
- Жанр: авантура
- Платформа: PC
- Излезе на: 28 ноември 2024







