Неодамна, пишувавме за тоа како Earth Defense Force 6 e одличен продолжеток на откачениот серијал. Шестата игра од овој серијал остави позитивен впечаток на нас, нудејќи ни часови и часови откачена акција во еден разрушен свет полн со предизвикувачки суштества. Таман дозволивме прашината од таквите импресии да слегне, добивме уште една игра од овој универзум.
Earth Defense Force: World Brothers 2 e продолжеток на хитот од 2021-та година и е замислен да понуди уште повпечатливи битки со бројни војни, оружја, уникатни способности и џиновски непријатели, во еден коцкаст свет кој ќе треба одново да го спасите. Со задоволство го направивме токму тоа!

Спас на коцкастата планета, по втор пат!
Приказната не е ништо посебно, но професионалните актери се трудат да ви го задржат интересот низ мисиите така што сервираат стратешки информации и делумно-забавни досетки.
Борбениот систем е едноставен, но функционален. Фрлени на најразлични мапи, ќе биде потребно да сте константно во движење и да се трудите да не бидете опкружени. Во моментот кога ќе забележите на радарот дека кругот од непријатели се стеснува, ќе можете да се тркалате на најразлични страни. Тркалањето, како способност на првиот војник, не само што ви помага да избегнете напади, туку и ги удира и одгурнува непријателите. А, непријателите се празник за очи, особено кога ќе се појават во поголема бројка.

На располагање имате бројни копнени и воздушни непријатели, секој од нив со различни, но, повторно, едноставни шеми на движење и напади. Опасноста доаѓа од нивната бројка, а не од нешто друго. За среќа, вие имате арсенал од огнени оружја кое ефикасно се спротивставуват со сите нив, а, како дополнителна помош, елиминираните непријатели испуштаат предмети во различни бои; белите предмети го полнат штитот на лицето што ќе го земе предметот, а жолтите – SP-то (за ова подоцна!). Од друга страна, црвените предмети го полнат штитот на сите од тимот.

Секој од војниците од вашиот тим имаат по две способности, една за движење и една за поддршка. Првиот војник со кој играте има способност за избегнување напад и способност за создавање регенеративен штит.
Братско војување
Низ мисиите ќе наоѓате и други војници. Доколку имате слободно место во тимот, војникот инстантно ќе ви се придружи. Штом некој ви се приклучите на тимот, ќе можете инстантно да скокате од војник на војник. Секој од војниците специјализира во одредено поле и е добар за одредени акции, а лош за други. Како што кажавме претходно, првиот војник има способност за избегнување напади и регенерација. Нашиот втор војник може да лети и да клоца сѐ што ќе му се приближи.

Подразбирливо, секој од војниците се одликува со најразлични уникатни оружја. Па така, оружјето на еден може да е добро за индивидуални напади од средна далечина, а оружјето на друг – за масовно елиминирање од непосредна близина. На располагање имате бројни војници, а со нив, и бројни оружја кои се исклучително забавни за користење. Кога непријателите ќе се насоберат како да ќе нема утре, исклучително забавно е да скокате низ четирите војници од вашиот тим и да правите урнебес салати од џиновските инсекти.

Најзабавниот дел е кога ќе ви се наполни SP скалата и ќе може да направите SP потег, односно да ја активирате вашата ултимативна моќ. Ова е исклучително јака и визуелно импресивна способност од огромен разорен карактер. Колку и пати да ги користевме овие улти, никако да ни здосадат. Нека не ве разочарува шарената и навидум детска графика. EDF: WB2 нуди одлична забава за сите возрасти, особено во семејно опкружување.

Богати можности за квалитетен тим
Нудејќи над 100 војници, развојното студио YUKE’S навистина се има надминато со двојката. Сите војници ги отклучувате етапно низ мисиите, така што им доаѓате кога највеќе им требате и ги спасувате. Во секоја од мисиите навлегувате со тим од четири војници. Пред секоја мисија, ги бирате војниците и опремата и потоа скокате во предизвикувачкиот свет полн не само со џиновски инсекти како мравки, бајаци и пчели, туку и џиновски роботи, вонземни летала и ред други работи.

Earth Defense Force: World Brothers 2 успева во квалитетно сервирање надреална акција од епски размери. Секој момент беше исполнет со адреналински битки, а секоја битка поинтересна од претходната. Благодарение на бројните уникатни војници, способности и оружја во ниеден момент не се чувствувавме презаситени или недоволно мотивирани да го истражуваме светот и да пеплосаме легија од џиновски непријатели. Ова е исклучително важна работа, особено ако земете во предвид дека Earth Defense Force: World Brothers 2 има над 100 мисии и пет нивоа на тежина.

Ние ја игравме двојката сами и апсолутно уживавме во сервираното, но гледавме и неколку видеа кои се играат во ко-оп и, мора да признаеме, Earth Defense Force: World Brothers 2 делува уште позабавно кога се игра со вистински луѓе. Сами или со пријатели, EDF: WB2 е одлична игра за безумна акција, особено во кратки временски дози и по исклучително напоред ден, кога сѐ што сакате е да се опуштите со едноставна, но over-the-top акција во добро-познат серијал.







Повеќе детали за играта
- Произведува: YUKE’S
- Издава: D3PUBLISHER
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 26 септември 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 8
- Приказна: 6
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 10