PayPal Holdings Inc. неодамна го направи својот прв деловен трансфер користејќи го сопствениот стабилен коин PYUSD. Трансферот беше демонстрација на тоа како дигиталните валути можат да го подобрат бавниот и неефикасен процес на комерцијални трансакции. На 23-ти септември, PayPal изврши плаќање на Ernst & Young LLP преку PYUSD. Во трансакцијата беше користена платформата за дигитални валути на SAP SE за да се заврши трансферот. Оваа платформа им овозможува на компаниите да испраќаат и примаат дигитални трансакции во реално време. Со оглед на тоа дека нема потреба од проверки, трансакциите може да се прават без оглед на времето или денот. Износот на фактурата користена за демонстрација не беше објавен, пишува Bloomberg.
Стабилните коини, како PYUSD, се криптовалути дизајнирани да ја следат вредноста на традиционалните валути, најчесто во однос 1:1. Како и голем дел од овие криптовалути и PYUSD е врзан за американскиот долар. Моментално има пазарна капитализација од речиси 700 милиони долари. На стабилните коини обично се гледа како на одлично решение за потрошувачите. Оваа деловна трансакција го покажува нивниот потенцијал и во деловниот сектор, вели Жозе Фернандез да Понте, потпретседател за блокчејн, криптовалути и дигитални валути во PayPal.
„Деловната средина е совршено погодна за ова“, вели Фернандез да Понте. „Кога разговарате со финансиските директори, ова е сосема рационална тема.“
Бизнис-трансакциите, особено оние во кои се вклучени компании од различни држави, може да бидат долготрајни, скапи и несигурни поради вклученоста на посредници. Со стабилните криптовалути, трансакциите се многу побрзи, што го прави моделот совршено решение за меѓународни плаќања.
Дел од компаниите веќе користат и други стабилни монети како Tether. Овој начин на плаќање е исклучително интересен и атрактивен во земји со нестабилни валути. Технологијата привлекува сè поголем интерес поради побрзото завршување на трансакциите. Оваа година, платформата BVNK, која го поддржува стабилниот коин на PayPal, почна да дозволува компании да пренесуваат американски долари преку глобалниот систем Swift и потоа да вршат исплати во стабилни коини на глобално ниво.
Од минатиот месец PayPal им овозможува на трговците да купуваат, чуваат и продаваат криптовалути преку деловните сметки, што е дополнување на нивната понуда во дигиталните средства, вклучувајќи го стабилниот коин и криптовалутите за потрошувачи. Дигиталните валути нудат многу предности, но поради неколку големи злоупотреби, како онаа на Сем Банкмен Фрид има поголема претпазливост.
Што се стабилни коини?
Стабилните коини се дигитални валути кои ја одржуваат својата вредност во однос на традиционалните валути, обично во сооднос 1:1. Најчесто се поврзани со стабилни средства како што е американскиот долар. За разлика од скоковитите криптовалути како биткоин, стабилните коини се дизајнирани за секојдневни плаќања и заштита од големи скокови.







