Три работи стануваат инстантно јасни во Murder On Space Station 52:
- Ветување за комплексна приказна со одлична глума.
- Уникатен визуелен стил со невообичаени, но впечатливи рачно-нацртани цртежи и суптилни анимации
- Предизвикувачки загатки
Овие три работи се како лепило кои цврсто ја држат авантурата на студиото Made From Strings, дозволувајќи ви да навлезете во преубав свет полн со харизматични ликови, вознемирувачки мистерии и серија од предизвикувачки загатки. Murder On Space Station 52 е топла препорака за сите оние гејмери кои сакаат мрачни авантури преку кои истражувате надреални места, собирате најразлични докази, испрашувате бројни ликови и откривате мистерија поврзано со навидум нерешливо убиство. Најдоброто од се? Има бесплатно демо, а и не е премногу скапа!


Капка во океан
Едвард Лок е човекот за кого чашата е секогаш полу-празна. Бруталното животно искуство го има научено ниту на живо да се радува ниту на мртво да плаче. Немајќи избор, Едвард ќе се најде на станицата 52. Таму, низа ситуации ќе го принудат да проба да го пронајде убиецот зад монструозните убиства.
Механички, Murder On Space Station 52 е вашата карактеристична авантура во која управувате со ликот преку кликнување на мапата. За да добиете подобра претстава за работите на мапата со кои можете да стапувате во интеракција, го претискате копчето спејс. Иконите кои се појавуваат ви кажуваат дали имате предмет поврзан со загатка, дали имате предмет кој може да се испита, како и со кои ликови можете да разговарате. Десен клик на одреден предмет ви дозволува дополнително да го истражите.

Како што напоменавме на почетокот, главниот фокус во играта е да ја решите мистеријата поврзана со бруталните убиства. За да успеете во целта, ќе собирате најразлични докази и ќе разговарате со најразлични сомнителни лица. На секое од лицата му се позајмува глас од талентирани актери, со што имерзијата е на високо ниво. Во ова, секако, помага и релаксирачката блуз музичка подлога која одлично се вклопува во sci-fi универзумот и дава посебно noir чувство.
Дополнително, со парите што ќе ги добивате при завршување одредени задачи, ќе можете да си го уредувате вашиот стан и аквариум на различни начини. Се работи за едноставен систем кој е замислен да направи дополнително да бидете инвестирани во приказната така што ќе си купувате убави работи и не-толку-убави суштества. :)

Големи сме фанови на уникатниот начин на кој се нацртани бројните места и ликовите, радувајќи се на секоја ново-откриена локација и бројните можности за истражувања. Нашиот однос со авантури, меѓутоа, отсекогаш бил со топло-ладен ефект. Од една страна го сакаме истражувањето на светот и интеракцијата со ликовите, особено големата посвета на квалитетна приказна. Од друга страна, имаме огромно чувство на анксиозност секојпат кога ќе налетаме на некоја загатка.

За жал, или за среќа, Murder On Space Station 52 има еден куп загатки, а, голем дел од нив се крајно предизвикувачки. Иако со некои значително се измачивме, никако не сакавме на половина да престанеме со приказната, охрабрувајќи се некако да не се предаваме, да продолжиме со експериментирањето и да го најдеме соодветното решение. Во случај да сте и вие како нас, тогаш бидете подготвени за скубење коса, псуење и налудничаво тресење на рацете во вис.

Со комплексната приказна, харизматичните ликови и бројните паметно-осмислени загатки, Murder On Space Station 52 се истакнува како исклучително квалитетна авантура. Особено ни е жал што по недела дена од излегувањето, играта има само две рецензии. Навистина не би сакале да биде неправедно засенета и заборавена. Повеќе од јасно е дека играта е направена со многу љубов. Дефинитивно проверете го барем демото за играта.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Made From Strings
- Издава: Dionous Games
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 25 септември 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 10







