AllWeb беше одличен настан. Но, тој треба да стане традиционален настан. Зошто? Затоа што Македонија заостанува во онлајн маркетингот зад останатиот свет. Ова беше споменато од бројни говорници на конференцијата, и секој пат звучеше како несакан и поразителен факт бидејќи на секое од стoте столчиња седеа луѓе кои влијаат врз развојот на маркетингот во Македонија.
Оваа индустрија е неопходна за да видиме побогата локална веб сцена. Подобар онлајн маркетинг ќе ги стимулира медиумите да бидат подобри во своето веб присуство, и ќе финансира нови квалитетни веб и мобилни стартапи. Но, ова не еднострана љубов. Поквалитетни медиуми ќе привлечат подобро таргетирана публика на тие што сакаат да продадат производи и услуги.
Mожеби почетоците на подобар онлајн маркетинг сцена започнуваат со претставувањето на IAB Македонија. Ова здружение за интеракtитвно огласување е оформено од повеќе македонски агенции, огласувачи и најпосетувните сајтови, и има за цел да го подобри пазарот на дигиталното огласување, да отвори дискусии за маркетинг и да ја промовира индустријата.
Стандарди се уште нема @dlazarevski #allweb Сега IAB MK ќе го среди тоа:)
— IAB Macedonia (@IABMacedonia) November 23, 2012
„Дали е-трговијата станува трговија, а трговијата се претвара во офлајн економија?“, праша Ведран Бајер од Google oбјаснувајќи дека има се повеќе иновации наменети да го грабнат потенцијалот на електронското тргување. Во тој контекст може да се стави и онлајн маркетингот кој сега може да се мери и да таргетира за да им ги даде вистинските реклами на вистинските луѓе.
AdSense на македонски? Ведран од Google: Штом започнете да го користите интернетот како платформа, ќе ви излеземе во пресрет. #ouch #AllWeb
— IT.com.mk (@IT_info) November 23, 2012
Во Македонија во моментов телекомуникациите се лидер во онлајн огласувањето. Ова не е бидејќи тие нудат повеќе од другите, туку бидејќи другите индустрии се огласуваат на телевизијата која е неверојатно популарен медиум во Македонија. Зарем турските серии до толку ни го одвлекоа вниманието?
Просечно секој човек во МК гледал 4,5 часа ТВ дневно. Некој се изнагледал и за мене изглеа #allweb
— Oliver Noveski (@olivermk) November 23, 2012
За жал, во Македонија закуп на интернет е само 0,1 отсто од севкупното огласување, ни открива истражувањето на Ежени Брзовска од Економскиот факултет. Според неа, еден од клучните проблеми во инвестирањето во онлајн маркетингот е што огласувањето е сфатено погрешно.
„Не треба само да се мери стапката на кликање на банер. Банерот треба да биде средство кое генерира свесност за брендот. Треба да е интерактивен и убаво дизајниран, да се води грижа за локацијата каде е поставен, да истакне за кој производ се работи, како влијае и други фактори кои ја мерат успешноста на банерот. Baner blindness постои бидејќи нема интеракција со банерот.“, вели Ежени.
Секако онлајн маркетингот не подразбира само банери. Друштвените мрежи се сега алатка за директна комуникација меѓу фанот, потенцијалниот клиент и брендот. Facebook како доминантна мрежа во Македонија со над 900.000 профили нуди многу повеќе од само отварање фан страна на која брендот треба да се фали дека го има најдобриот производ. Facebook пред се треба да биде интеракција која ќе ги потикне корисниците да споделуваат и разговараат. Не за џабе Facebook има метрика „people talking about”.
Никола oд Im.mk: Најефективните Facebook реклами се со социјален контекст, кога ќе лајкнете бренд, тоа го гледаат вашите пријатели. #AllWeb
— IT.com.mk (@IT_info) November 23, 2012
Но, пред да се фрлиме во маркетинг кампањи, дали брендовите знаат кои им се фановите и што тие бараат од нив. Никола Спасов од агенцијата Рејтинг го презентираше своето истражување кое го открива профилот на македонските твитерџии. Тwitter заедницата е далеку помала од бројот на македонски профили на Facebook, но една од клучната статистика од истражувањето e дека 25 отсто од твитерџиите се влијателни во својата компанија, а други 6 отсто се сопственици на компании. Можеби најинтересна статистика е дека околу 19,6 отсто од твитерџиите се магистри и доктори на науки. Зарем не би сакале да ги имате на своја страна кога ќе ја подигате свесноста на брендот? Еве го целото истражување:
Но, за да се искористат правилно друштвените мрежи, првин е потребно брендовите да се приклучат на нив. „Компаниите ги прифаќаат промените во општеството и друштвените мрежи како човек болен на смрт ја приваќа својата дијагноза.“, вели Драгана Ѓермановиќ од PR Pepper, агенција која го застапува тенисерот Новак Џоковиќ. Таа инсистираше на оригиналноста на содржината која брендовите ја објавуваат, но уште повеќе инсистираше дека е потребно да се инволвираат корисниците, во таканареченото „crowdsourcing”, да започнат дискусија, да споделуваат мислења и да му помогнат на брендот да се развива заедно со нив. Потенцијалот на друштвените мрежи, вели таа, е комуникација со корисниците.
“Razmislite koliko je medju vasih poslednjih 20 postova na drustvenim mrezama bilo onih originalnih” @gagadjermanovic #allweb
— Miloje Sekulic (@milojesekulic) November 23, 2012
Не постојат метрики кои ќе ве однесат на прав пат како што може чувството – Драгана PRPepper #AllWeb
— Petra Taseva (@pifpufpaf) November 23, 2012
Комуникацијата со корисниците е важна и за локалната продавница за колачиња О Ла Ла од Скопје. Сопственичката Ели Пешева вели дека единствениот маркетинг што ги имаат е онлајн маркетинг. Но, тие не го користат Facebook за себе-промоција и фалење, туку за да добијат фидбек од корисниците.
Eли од O ла ла: Бидете пионер, бидете први барем во нешто. #уникатност #AllWeb
— IT.com.mk (@IT_info) November 23, 2012
На крај беа споменати и форумите како платформа каде може да се добие фидбек од корисницитеа. Милоје Секулиќ од српскиот HomePage вели дека форумите се првото место каде може да се најдат информации, и место каде што се друши јадрото на корисниците кои разменуваат мислења, рецензираа и коментираат за се и сешто.
Па, дали конференциајта ги промени мислењата за македонскиот онлајн маркетинг? Да се надеваме дека резултаите ќе ги видиме на вториот AllWeb. Иако на настанот се споделија нови идеи, знаење и неопходни бројки за да се разбере локалниот Веб, сепак останува на маркетинг агенциите и локалните бизниси да се ангажираат повеќе околу онлајн маркетингот. За тоа пред се ќе треба креативност и отворена комуникација со корисниците.

Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.
2 постари WordPress коментари