Предизборната кампања на Барак Обама на последните претседателски избори во САД, во вистинско издание ја покажа моќта на интернетот и како овој медиум може да се искористи за пренесување на политички пораки, на многу поевтин и поефикасен начин отколку "стандардниот" маркетинг… А мислам и дека сите ќе се сложиме дека токму поддржувањето на новите технологии и активното онлајн присуство, кое вклучуваше учество во друштвени мрежи па се до поддршка на граѓанско новинарство и создавање на веб апликации, му ја донесе историската победа на Обама.
Инспирирани и подучени од "Обамаркетингот", блогерите Љупчо Зорески и Емил Јакимовски, двајцата поддржувачи и поранешни студенти на професорот Ѓорѓе Иванов, направија храбар потег и објавија блог посветен на кандидатот за претседател и неговата предизборна кампања. А уште поинтересно е што на блогот се објавени линкови до профилите посветени на Ѓорѓе Иванов на друштвените мрежи и веб 2.0 сервиси како Facebook, YouTube, Twitter, MySpace и PhotoBucket.
"Ова е официјалниот блог поддржувачи на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Ѓорѓе Иванов. Добредојдени сте. Информирајте се тука за најновите активности. Содржините ќе бидат навреме ажурирани, информациите ќе ги добивате навремено." – се вели во првиот пост на блогот објавен на 29 Јануари.
{mosimage}
Блогот досега содржи само неколку постови во кои директно се пренесени информациите за кандидатот напишани од традиционалните медиуми, а најверојатно и идните постови ќе бидат со овој концепт, што и до некаде е во ред доколку се земе во предвид дека станува збор за неофицијален блог.
На профилот на YouTube посветен на кандидатот досега може да се пронајдат 6 објавени видеа преземени од А1, додека на Twitter досега е објавен само еден пост.
{mosimage}
Од сите наведени сервиси, се чини дека најпопуларен е Facebook профилот на Иванов, каде што листата на пријатели содржи над 800 лица, додека на MySpace само 20.
Oваа постапка на двајцата поддржувачи на претседателскиот кандидат ме натера да размислам на темата политички е-маркетинг во Македонија и каква е неговата блиска иднина во овие услови.
Дали нашите политичари ќе се решат да го применат во своите кампањи на претстојните локални и претседателски избори закажани за 22 Март? Ќе имаме ли лични и официјални блогови на кандидатите каде што ќе го искажуваат своето мислење? Дали доколку се впуштат во политички е-маркетинг, би го добиле истиот ефект како што го имаше Обама? Како народот би го прифатил тоа? Дали во Македонија може да се извлече вистинска вредност од активна онлајн политичка кампања, има ли воопшто публика за такво нешто?
Дали "земјата на информатичари" во која беше одбиен предлогот за електронско гласање, ќе биде сведок на веб 2.0 избори, ако смеам така да ги наречам… или уште е прерано за иновативни и донекаде ризични пристапи?






