7 коментари 3 мин. читање

Реагирај! Спречи го насилството врз жените во Скопје преку Ushahidi платформа

Реагирај! Сподели приказна, спречи насилство. Ова е слоганот на новит веб проект против насилството врз жените и девојките на јавните места во Скопје. Реагирај е иницијатива која со помош од корисниците и жртвите на насилството, новите технологии и анонимноста, ќе собере доволно податоци за вознемирувањата и насилствата со кои ќе се алармираат надлежните органи за локациите, со цел да се зголеми безбедноста на жените и девојките на јавните места во Скопје.

Јана Коруновска од Reaktor.org.mk, кои стојат зад Реагирај, вели дека проектот има за цел да обезбеди 100% безбедни јавни простори во цела Македонија. Но, предизвици има многу.

„Проблемот е што за тоа да се случи граѓаните прво мора да станат свесни дека проблемот со насилството против жените на јавни простори навистина постои и дека не треба да се банализира.“, вели Јана. „Ако некоја девојка се движи по полноќ сама во мини сукња, дури и самата таа ќе се чувствува виновна ако е жртва на родово базирано насилство. Тоа е за нас неприфатливо.“

Според Јана, секојдневните игнорирања на насилството се забележуваат и во начинот на кој девојките ги раскажуваат настаните.

„Еве и во некои од пријавите кои се веќе оставени на нашата платформа девојка која била жртва на свиркање се чувствува должна да објасни дека носела кошула и фармерки, а друга девојка која била следена во 6 часот наутро да објасни дека се враќала од работа и заради тоа толку доцна одела накај дома. Ова отсликува една цела култура каде уличното вознемирување е прифатливо и неговото постоење меѓудругото се препишува и на „провокациите“ на самите девојки, или пак како некој вид на комплимент.“

Веќе се направени интервјуа со 800 жени од кои секоја четврта вели дека и е непријатно кога некој зјапа во неа, а секоја трета се плаши кога некој свирка по неа или и дофрла со „маче“ или со друг сексистички коментар.

Решението секако треба да биде подигање на свеста пред се, но за тоа ќе мора да се соберат приказните, да се посочи на проблемот преку соодветни податоци за да не може насилството да биде игнорирано. За да успее во тоа Реагирај! ја користи Ushahidi платформата за „краудмапинг“ преку која секој корисник може да пријави било какво вознемирување на улица, во парк, во автобус или било која друга јавна локација. Платформа е слободна и сосема едноставна за користење, вели Тамара Атанасоска од Reaktor.org.mk.

„Не сме прва инстанца на оваа платформа во Македонија, но првпат во духот на слободниот софтвер целосно ја преведовме платформата и мобилните апликации и ги вративме назад во Ushahidi заедницата. Најдовме и превод на албански и ги натеравме момците да го качат и да е слободен за сите исто. Оваа недела не прогласија за инстанца или Ushahidi имплеметација на неделата. Напишавме и кратко туторијалче како да се користи страницата http://prikazni.reagiraj-bidibezbedna.mk/kako-da-ja-koristite за оние кои се двоумат.“

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

7 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top