10 коментари 3 мин. читање

Вест ја сокри содржината, ќе наплаќа претплата за црно-бело дигитално издание

Вест реши да ја стави својата содржина зад „платежен ѕид“. Доколку се обидете да прочитате некоја од најновите вести на веб сајтот ќе ве пречека „целиот текст можете да го најдете во печатеното издание на Вест или да се претплатите на Електронското издание на Вест“. Со премиум услугата корисниците ќе го добиваат весникот веднаш штом ќе излезе од печат кој ќе биде „во автентична форма, односно со идентичен изглед како и печатениот весник“.

Цената на дигиталниот Вест ќе се движи од 10 денари за едно издание до 2.100 денари за годишна претплата. Ова премиум услуга важи и за Дневник и за Утрински весник, иако на сајтовите на овие два весника сè уште може да се читаат објавените текстови. Сепак, трите весници се на издавачката куќа Медиа Принт Македонија (МПМ), и затоа не би изненадило наскоро целата нивна содржина да биде ставена зад „платежниот ѕид“.

Плаќањето за содржина не е нешто ново, бројни светски медиуми се обидуваат исплатливо да продаваат содржина преку интернет, од неодамна таков е случајот и со New York Times. Во Македонија за содржина наплаќа бизнис весникот Капитал, а сега и Вест, најверојатно наскоро и Дневник и Утрински. Но, за разлика од бизнис ориентираниот Капитал кој има специјализирана уникатна содржина, Вест има содржина која се споделува и од други медиуми и која е наменета за помасовна публика чие прашање го знаеме уште од сега – зошто да платам за нешто што можам да го прочитам за беспари од други медиуми/сајтови?

Тоа што е интересно е што МПМ одбра да го задржи дигиталното издание „во автентична форма“. Наместо како сите светски медиуми кои наплаќаат претплата да го стори тоа со модифицирање на самиот сајт, МПМ нуди црно-бел дигитален весник во Flash базиран PDF фајл кој е без линкови, без архива, без можност за споделување на таа вест, без никава интеракција.

Идејата на дигиталните изданија на дневните весници е да обезбедат побрза информација од печатеното издание кое се чека подолго време да излезе од печат. Вест, Утрински и Дневник не се магазини со специјализирана содржина кои го користат најчесто и ваквите „флипинг бук“ форми, туку се дневни весници. Со претплатата ќе треба да понудат нешто посебно, поинаква содржина од другите медиуми за која вреди да се плаќа. Со претплатата, и со моделот на дигиталното издание, ќе треба и да се потрудат да обезбедат информации на време пред другите бесплатни медиуми, пред другите конкурентни весници, портали и секако телевизиите, кои да не заборавиме не се бесплатни, но нивните сајтови се.

„Сепак, и да има специјално прилагодување за мобилни уреди, ми се чини дека и со тоа целната група останува прилично ограничена. Ваквиот пристап може да биде интересен за членовите на дијаспората што се корисници на таблет-компјутери (ајпади, на пр.) и веќе биле навикнати на печатеното издание, па сега им недостасува. Прашање е и колку дијаспората ја интересираат вакви содржини од Македонија. Од тој аспект, веројатно не е случајно што еден од ударните недостапни написи во денешното издание е оној за забраната за влез на пејачката Гавазова во Австралија.“, пишува Филип Стојановски од фондација Метаморфозис на својот блог.

Во овие црно-бели дигитални изданиja нема реклами. Барем не сè уште, иако не би изненадило наскоро да ги видиме рекламите сместени во .pdf фајл, наместо на веб сајтот каде содржината ќе биде недостапна. Но, зарем тие што би сакале да се рекламираат на Интернет не би одбрале банер или друга форма на реклама која ќе води до нивниот сајт или услуга, наместо да добијат статична слика во .pdf фајл?

Што се однесува до публиката, дали е полесно да се купи весник во навистина автентична форма, или да се плаќа за црно-бело интерактивно издание, иако е 5 денари поефтино, ќе зависи од колку успешно ќе функционира платежниот ѕид и колку ќе биде МПМ убедлив во продавањето на оваа претплата. Или пак, идејата е само да се примораат читателите да купуваат повеќе печатени весници, а не и да читаат на Веб.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

10 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top