За МВР протестите не се проблем, колку што се насилните коментари, вели портпаролот на МВР, Иво Котевски. Според него, говорот на омраза, злоупотреба на мрежите да се шират дезинформации, повикување на насилство се причините поради кои се бришат постовите. Пример за дезинформација кој го наведува тој беа групите за Даниел. На почетокот во понеделникот откако се дозна инцидентот, поради погрешна изјава на очевидец, медиум-два споделија дека претепаниот дечко се вика Даниел и е од скопската населба Ѓорче Петров. Tоа беше прифатено од твиреџиите кои започнаа да споделуваат информации со хаш-таг #daniel, а на вечерните протестите имаше дури и транспаренти „те сакаме Даниел“. Ваквото дезинформирање за време на истрага ја натерало полицијата да трага по тројца Даниели на таа возраст кои се од Ѓорче, што според г. Котевски, одзело време од истрагата.
Насилните коментари и говорот на омраза го наведе и МВР да искоментира дека ја следат комуникацијата на Twitter и Facebook и дека може да поднесат кривични и прекршочни пријави против корисниците кои повикуваат на насилство, но бидејќи се беше во ред со протестите нема основа за такво нешто.
„На протестите немаше инциденти, беа мирни протести, така пријави против корисници немаат основа бидејќи ништо не се случи. Може да се каже дека сите насилнички коментари беа фигуративни.“, вели г. Котевски.
Правно, според неколку правници со кои разговаравме, MВР може да спречи Facebook и Тwitter корисници да повикуваат на насилство, како превентивна мерка за посериозни инциденти, но не може да им поднесе кривична или прекршочна пријава против нив се додека тоа дело не се случи. Дополнително, Facebook и Twitter коментари и постови сé уште не можат да се искористат во македонските судови како валиден доказ за или против некој, сé уште се неофицијален извор и ќе мора да се докаже дека тие се поврзани со корисникот, дека се од корисникот и дека се остварило делото.
Но… спорeд член 18 од Кривичниот законик:
Подготвувањето на кривично дело може со закон да се определи како посебно кривично дело или со закон може да се пропише казнување за подготвување на определено кривично дело.
Според член 23:
1) Тој којшто друг со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот.
2) Тој којшто друг со умисла го поттикнува на извршување кривично дело за кое според законот може да се изречат пет години затвор или потешка казна, а нема да се направи ни обид за дело, ќе се казни како за обид на кривично дело.
Слобода на говор и право да се протестира
Во целава ситуација со убиството на Мартин и користењето на друштвените мрежи, постои тенка линија меѓу слобода на говор, право да се протестира и говор на омраза што се случува по друштвените мрежи.
Сите имаме гарантирано право на изразување, слобода на говор, и право на јавни собири и протести, но тоа не е дозволува говор на омраза, вели Никола Петровски, магистар по меѓународно право.
„Сепак, ова не се апсолутни права и во одредени случаи државата, во случајов МВР има право да интервенира и да ни ги ограничи, како на пример во случај на говор на омраза и ширење расна или етничка нетрпеливост. Сепак за да може една држава да ограничи едно од овие права, треба да бидат задоволени строги критериуми. Така, доколку некој јавно повикува на насилство и криминално однесување, тој/таа може да биде спречен/a со цел да се избегнат посериозни последици. Ова сосема го оправдува чинот на остранување на веб постови кои содржат повици на директно насилство.“
Но, не може да се каже дека протестантите не треба да бидат гневни кон полицијата, или да не протестираат, бидејќи сепак загина млад човек, а во Македонија полициската бруталност не е нешто ново, како и што не е ново и да се види апсурден говор на омраза по македонските профили, групи и онлајн заедници.
„Државата не може да ги спречи луѓето да повикуваат на протест. Протестите во случајов се делумно против МВР, тие треба да очекуваат изрази на незадоволство и навреди, пцовки и слично. Но тоа не им дава никакво право да спречат протест. Значи, правото на јавни собири и правото на говор ни гарантираат слобода да изразивме гнев против кого сакаме. Тука влегуваат и навредливи зборови кои може да ги повредат чувствата на одредени групи на луѓе.“, вели г. Петровски.
Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да ги користат друштвените мрежи преку events на Facebook да се договараат за идни протести и преку Twitter да споделуваат информации за самите настани и случувањата поврзани со убиството на 22-годишниот Мартин.
Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.
20 постари WordPress коментари