Се чини дека едно од нашите предвидувања за 2016-та се оствари малку порано. Всушност, никој не очекуваше дека Netflix, еден од најпопуларните video-on-demand сервиси со околу 69 милиони претплатници ширум светот, ќе пристигне и во Македонија. Но, за претплата од 8 евра сега сите македонски корисници имаат пристап до популарни ТВ шоуа и филмови кои можат да ги гледаат на лаптоп, телевизор, телефон или таблет компјутер.
Netflix дефинитивно претставува сериозна конкуренција за македонските провајдери на дигитална телевизија, вклучувајќи и некои локални vod сервиси како Pickbox кои од неодамна влегоа на македонскиот пазар. Но, без грижа! МаxTV, BoomTV, Blizoo и другите нема да останат без гледачи бидејќи Netflix не нуди балкански канали, ниту спортски, што се главните причини зошто сè уште имате телевизор дома.

Што добивате со Netflix? Предноста на овој сервис е што дистрибуира содржина на телевизор, телефони, лаптопи, PlayStation и Xbox. Netflix е еден од водечките video-on-demand сервиси во светот бидејќи има листа со едни од најпопуларните филмови и TВ шоуа, иако листата во Македонија може да биде малку пократка од таа во САД и да ги нема најновите епизоди или сезони. Потребен ви е само солиден интернет за да може да се стримаат видеата, пoсебно тие во HD квалитет доколку ја одберете претплатата од 10 евра. Но, иако Netflix има фантастични шоуа, на пример Brеaking Bad, House М.D., Peaky Blinders (едно од нашите омилени), Blacklist… и многу, многу други; сепак има ограничена листа која постепено ја надополнуваат. Netflix е одличен сервис, но кога содржината е во прашање се натпреварува со HBO кој е достапен за половина од цената, пример за околу 300 денари на Max TV. Разликата е што HBO барем во Македонија засега може да го гледате само на ТВ, додека Netflix стрима содржина на различни уреди.
Сега со Netlflix конечно може да поставиме едно интересно прашање. Ние сме зависници од телевизија со регионална содржина: турски серии, српски розеви естради, реалити емисии, итн, итн… Поради ова, нема да погрешиме ако кажеме дека сите дома имаме телевизор, и сме претплатници на некој од локалните провајдери кои нудат балканска содржина. Сепак сега со Netflix, Pickbox и HBO имаме популарни шоуа кои до сега се испуштаа (или пиратираа), па се поставува прашањето – колку од гледачите се подготвени да ја заменат традиционалната телевизија со video-on-demand кој може да се гледа на таблет компјутери и лаптопи? Дали сме навистина подготвени за интернет телевизија? Според Netflix, сме. Тие веќе стартуваа.
Коментари
23 коментари
Коментарите се затворени.