По само еден ден побуната на платениците Wagner е завршена. Нивниот лидер Евгениј Пригожин доби помилување, ќе ја напушти Русија и ќе оди во Белорусија. Групата Wagner го запре својот марш кон Москва, а кривичната пријава против Пригожин е отфрлена. Правна постапка нема да има ниту за членовите на паравоените сили.
Што се случи…
Сѐ започна во петокот, со обвинувањето на Пригожин дека руската армија нападнала логор на Wagner.Паравојската најпрво ги повлече своите членови во Ростов, а потоа објавија дека освоиле два важни воени објекти во регионот.
Наскоро беше отворена кривична постапка против лидерот на платеничката група.
Претседателот на Русија – Владимир Путин го нарече настанот предавство и нож во грб на Русија и Русите.
Пред состојбата да ескалира 5000 припадници на Wagner стигнале на 200 километри од Москва.
Засега нема вести за повредени и за жртви.
По бунтот на Wagner интернет остана достапен, ама…
Она што целиот мини-пуч со сигурност го покажа е дека властите во Русија имаат целосна контрола врз информациите и врз друштвените мрежи. Пребарувањата за Евгениј Пригожин беа блокирани на Yandex; руски провајдери го блокираат пристапот до Google News; проблеми имаше и Telegram и VKontakte.
Од петок барем 5 руски провајдери во кои се вклучени и најголемите Rostelecom, U-LAN и Telplus го блокираат пристапот од Русија до Google News. Пристап до Google News имаа единствено корисниците на московскиот телефонски сервис MegaFon, пренесе Washington Post.
На најголемиот руски пребарувач Yandex беа блокирани дел од пребарувањата кои се однесуваа на Евгениј Пригожин. Објаснувањето е дека скриените резултати не се во согласност со руските закони.
Цензура имаше и на најголемата руска друштвена мрежа VKontakte. На платформата беа блокирани неколку групи, а блокирана беше и содржина која се однесува на паравоената група Wagner. Најголемата група која беше блокирана имаше над половина милион членови. Wagner ја користел оваа група за регрутирање и промоција на своите активности.
Групите на Telegram останаа извор на податоци, иако и тука информациите не останаа недопрени. Популарната платформа набрзина се наполни со купишта непроверени или неточни информации кои најчесто беа контрадикторни. Речиси сите канали беа преполни со дезинформации. Некои тврдеа дека Пригожин воопшто не престанал да се движи кон Москва, други пак ги потврдуваа официјалните информации. Дел од корисниците од Москва и Санкт Петербург јавија дека Telegram е недостапен, а платформата имаше проблеми и по патеката на движење на паравојниците на Wagner.
Слично беше и на Twitter; Од вести дека Путин избегал од Москва со својот приватен авион, до вести дека се крие во бункер.
Последните вести од Русија се дека платениците на Wagner се повлекле, а ситуацијата се враќа во нормала.
Еден од заклучоците кои може да се донесе по обидот за мини-пуч е дека властите во Русија сега имаат многу поголема контрола врз интернет и информациите кои се пласираат. Oва секако е олеснето откако најголем дел од платформите како Facebook, Twitter и TikTok беа блокирани во февруари минатата година, иако дел од Русите со VPN сепак успеваат да пристапат до нив.