Факултетот за информатички и комуникациски техниологии во Битола го најави првиот ИТ хаб во регионот, BIT Hub. Хабот ќе можат да го користат сите студенти на факултетот, но и ИТ професионалци на кои ќе им биде потребна помош да стартуваат нова компанија или да се здобијат со претприемачки вештини. „Хабот е замислен како место каде ќе се сретнат техничките и претприемничките вештини на ИТ професионалците.“, додава Борче Јанкуловски, директор на ПРЕДА Плус, кои заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) се партнери на факултетот во овој проект.
Битолскиот ИТ факултет постои околу две години и е „најмладата“ образовна установа на ова ниво, но веруваат дека со хабот, кој вклучува и coworking простор, ќе можат да привлечат студенти и нови претприемачи.
„Првиот ИТ хаб во овој регион, поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME), ќе им биде канцелариски простор за работа, ќе биде место од каде ќе се поттикнуваат претприемничките бизнис идеи, ќе овозможува вмрежување на компаниите и поддршка при реализацијата на креативните идеи. Со други зборови, овој центар ќе нуди услуги за поддршка на студентите на ФИКТ од неколку аспекти: бизнис планирање (како да се дојде до финансии и да се обезбеди самовработување), соодветна инфраструктура (обезбедување канцелариски простор) и поддршка на нивните производи (преку соодветни менаџерски и менторски програми). Затоа, ги повикуваме сите студенти и ИТ професионалци да се пријават и да добијат поддршка во реализацијата на нивните бизнис намери“, образложи деканот на ФИКТ, Пеце Митревски.