18 коментари 2 мин. читање

Зошто ги поддржуваме Anonymous, а не балканските националистички настроени „script kiddies“

Оу да, ве нареков „script kiddies“. Сега треба да очекувам гневни реакции од таканаречените хакери на владини сајтови на непријателските-ни соседи?

Вчера Macedonian Hacking Crew наводно го дифејсираа сајтот на албанскиот претседател Бамир Топи. MHC оставиле порака на сајтот „обединета Македонија“ со која се одмаздија на нивните косовски колеги KNS кои неодамна го направија истото на сајтот на МВР.

<Надополнето>„Страната не е дифејсирана, тие извршиле само XSS (Cross Site Scripting) на страната која е одамна ранлива на XSS.“, вели @MatrixPp демонстрирајќи со свој пример.</надополнување>

Ваквите препукувања меѓу националистите не се ништо ново. Албански script kiddies ги напаѓаат македонските и српските сајтови, српските ги напаѓаат албанските и хрватските, македонските, пак, ги напаѓаат албанските и грчките… секој со своја мака мотивирана од омразата која е сèприсутна во општествата.

Но, сите овие напади со патетични пораки, иако се сомневам дека се диверзија за нешто посериозно, се случуваат во период кога низ светот се шири една идеја за подобар и послободен интернет. Идејата е промовирана oд Anonymous, група на хакери кои не признаваат национализам, која се бори за сите неправди под едно мото прифатена од корисниците низ целиот свет – „Ние сме легија, ние сме еден“.

Оваа група хактивисти продолжува да руши сајтови не за да истакне знаме на една држава, или да проморира верска и национална омраза, туку да обедини, да одбрани, и да им каже на властите дека има некој кој ќе им се спротистави и ќе ја брани слободата на изразување во слободниот сајбер простор. Токму поради тоа ги идеализираме Anonymous, бидејќи ни кажуваат дека може да живееме заедно и заедно да се бориме против неправдата. Секако, поединечните членови на Anonymous можеби имаат мрачни мотиви, но идејата е таа која е важна и која го дефинира интернетот денес – денес нема граници, туку има слободен тек на информации и знаење.

За жал, иако идејата споделувана од Anonymous им се допаѓа на балканските корисници, таа често е игнорирана од балканците.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

18 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top