Крави и вештачка интелигенција. Некако двете не одат заедно. Како сладолед на пица. Звучи генијално, но се додека не пробате. Благодарение на холандската компанија, Connecterra, имплементирањето вештачка интелегенција на оваа поле може да им даде комплексен увид на земјоделците за нивните стада и да им заштеди многу пари. Ставење сладолед на пица и понатаму се смета како ненормална работа.
The Intelligent Dairy Farmer’s Assistant е направа со корисни сензори која се става околу вратот на кравата. Со информациите кои се собираат од сензорите, земјоделците можат да знаат кога кравата преживува, кога лежи, кога оди, а кога пие вода или пак пасе трева. Со ваквите показатели точно може да се знае кога некоја крава ќе се разболи, ќе стане помалку продуктивна или пак е спремна за потомство. Како резултат, земјоделците веднаш стануваат известени за одредени девијации во стадото и можат благовремено да преземат соодветни мерки.

Ричард Ватсон е еден од првите фармери да ја користи оваа технологија во Соединетите Држави и тој објаснува дека е исклучително корисно да знае на кои крави од неговото стадо со 2000 глави треба да им се посвети внимание. Добивајќи вакви информации, тој има забележано зголемување на продуктивноста за најмалку 10% и стотици илјади долари придобивка.
Ова е одлично време да потенцираме дека ставање крави и вештачка интелигенција во една реченица е исклучително чудно искуство и можеме само да замислиме како се вие чувствувате додека го читате ова. Пред да почнете да си го преиспитувате животот, би сакале само да додадеме дека за ваквите пресметки и анализи се користи open-source кодот на Google, TensorFlow. Кодот се има преземено милиони пати и кон неговиот развој допринесуваат 1400 луѓе, 400 од нив работат за Google.
За работа во TensorFlow се бара познавање математика од средно училиште и основни програмерски вештини, а се користи за најразлични цели. Од една страна, научниците од NASA го користат за да полесно пронаоѓаат планети со Kepler телескопот, а од друга страна, племињата од Амазон инстантно се информираат кога се врши уништување на шумите. Од трета страна, пак, ги имаме кравите и нивната неизбежна доминација врз планетата Земја.








