Законите и Интернет

во Веб, Статии

Веќе сите знаат дека на 18 јануари 2012 „интернет штрајкуваше против SOPA“. Дури и очајните македонски медиуми на некој начин ја пренесоа веста. Мајка ми беше загрижена дека нема да може да се чуе со брат ми на Skype дека нема да сме имале интернет од пет наутро до пет попладне…

Накратко, повеќе водечки веб страници беа недостапни еден ден: Wikipedia на англиски јазик, BoingBoing, reddit, imgur и слично. Тоа се страници кои се длабоко поставени техно-либертаријанството на Силиконската долина, анти-авторитативноста, анти-цензурата и повразни граѓански вредности, што ми се чини дека за чудење ќе беше овие страници да не затвореа тој 18 јануари [или некој друг ден]. Ним, до некаде, им се приклучи и еден од најголемите иноватори на интернет – порно индустријата, и можеби овие две заедно е сѐ што многумина од нас подразбираат под „интернет“: Википедија и порно. Да се рече дека интернет е многу повеќе од тоа е истакнување на очигледното, но несомнено улогата на овие е значајна.

Има [барем] две клучни точки во врска со SOPA (и PIPA) што одат преку тесното „Википедија не ми работи“ гледиште во врска со овие закони. Првата произлегува од честото мислење или убедување – „па јас не сум пират, не даунлоадирам од интернет, немам филмови на харддиск…“ и на неа кратко може да се одговори со коментарот на pssvr на reddit: „Ниедна тиранска, мизерна влада не доаѓа на власт ветувајќи им на луѓето тиранија и мизерија“.

Коментарот е одговор на друг малку подолг коментар за тоа како Данска ја живее својата епизода со цензурата на интернет; за тоа како добрите намери и ограничениот опфат и опсег се губат штом ќе биде поставена инфраструктурата. Сигурен сум дека имало „добри намери“ и кога пред петнаесетина години се донсувале договорите во WIPO што подоцна се искористени за носење на DMCA. Секој што е на интернет од 2000-тата знае дека оттогаш има постојана кампања за елимирање на DRM, но успехот најблаго речено е ограничен. Последиците од ова поместување на законските регулативи можеби најсликовито ги објаснува Кори Доктороу во својот говор на 28c3 – „Надоаѓачката војна на компјутерите за општа употреба“.

Втората пак произлегува токму од искуството со DMCA и се однесува на мислење или убедување дека сето ова нас, овде, во Македонија не нѐ засега. Впрочем ова е битка во Соединетите држави, за нивни закони кои воглавно се однесуваат нивни компании, во изборна година, и секако надвор од сите главни грижи што ние тука ги имаме. Поупатени луѓе од мене веќе го адресираа ова прашање. На пример, тука е текстот на Мајкл Гајст, „Зошто Канаѓаните треба да учестуваат во протестот против SOPA/PIPA“ кој беше рециклиран и на BoingBoing.

Но, ете да не останам покусо со мој коментар, ќе упатам на Законот за авторското право и сродните права (Службен весник на РМ, бр. 115 од 31.08.2010 година), Оддел 1: Заштита на технолошки мерки, каде започнува нашата „DMCA во мало“. Тоа се одредби кои се внесени во законот без многу врева, јавна дебата или земање предвид на истражувања или анализи во врска со DRM кои постојат со оглед на тоа дека законот во САД е донесен во 1998, а кај нас 12 години подоцна, и оттука поминато е доволно време да се направи проценка. Јасно, на увозот на законски мерки нема царина или други бариери, но позагрижувачки е тоа што одредбите може да дремат на хартија сѐ додека во еден момент не се искористат против нешто што само во фуснота ја има идејата за авторските права.

Но, ете сме назад на нормално функцинирање на мрежата. Затемнувањето против SOPA и PIPA имаше мерлив успех. До крај останува да видиме дали на Википедија ќе треба да ѝ се заблагодаруваме за нешто повеќе од обезбедување на лесно разрешување на кафански расправии.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] е објавен на it.com.mk: Законите и интернет. Tweet This entry was posted in Контра by administrator. Bookmark the […]

види ги сите огласи на kariera.it.mk