Ужасен почеток на неделата за технолошките компании и криптовалутите. Берзата забележа пад, а најмногу се зафатени акциите на технолошките компании и криптовалутите. Главна причина за падот е стравот од рецесија, кој дополнително беше „разгорен“ откако Berkshire Hathaway продадоа половина од своите акции во Apple.
Најпогодени се акциите на најголемите технолошки компании. Компаниите кои се наречени „Седум величествени“ и во кои спаѓаат Apple, Nvidia, Alphabet, Amazon, Meta, Microsoft и Tesla забележаа вкупен пад од 900 милијарди долари. Најголем пад имаа Apple и Nvidia, а покрај нив се погодени и сите останати.
Погоден и секторот за производство на полуспроводници
Најголемите компании не се единствените чии акции паднаа на берзата. Производителите на чипови, и тоа и оние кои произведуваат чипови за вештачка интелигенција се погодени.
Акциите на Advanced Micro Devices (AMD), Intel, Super Micro Computer и Broadcom паднаа 7,8 отсто. Дополнително и Philadelphia Semiconductor Index падна речиси 3%, пренесе Reuters.
Преголемиот оптимизам причина за падот
Големите технолошки компании речиси цела година имаат раст на берзата. Најголема причина за ова е вештачката интелигенција и оптимизмот дека инвестициите во технологијата ќе се вратат многу брзо. Сепак реалноста е дека за враќање на инвестицијата во вештачката интелигенција ќе биде потребно подолго време. Ова придонесе за зголемена загриженост за намалената заработка поради превисоките инвестиции во вештачка интелигенција. Дополнително, загриженоста ја зголеми и редовното објавување на извештаите за заработка на Amazon, Microsoft и Alphabet.
Најдобар показател за оптимизмот кој го донесе вештачката интелигенција е растот на акциите на Nvidia. Компанијата за само една година дојде до раст од 200%.
И покрај падот, најголем дел од акциите на големите технолошки компании забележаа раст во 2024 година. Единствен исклучок е Tesla.
Пад и на криптовалутите
Акциите на технолошките компании не се единствените кои паѓаат на почетокот на неделата. Погодени се и криптовалутите. Вредноста на bitcoin во еден момент се спушти и под 50 000 долари. Ова е најниска вредност на валутата од февруари, а само пред една недела криптовалутата се менуваше за 70 000 долари. Очекувано падот на криптовалутите ги погоди и крипто-компаниите како Coinbase и MicroStategy. Акциите на Coinbase паднаа за 19 отсто, а MicroStrategy помина и полошо, со пад на акциите од 26 отсто.
Стравувањето од рецесија придонесе за распродажба на bitcoin, што доведе до пад од 15 отсто. Во моментов вредноста на bitcoin е 54 442 долари. Втората крипто-валута по популарност, еthereum помина полошо. Нејзината вредност падна за 19 отсто на 2211 американски долари.
Претерана реакција
На реакцијата влијаеа неколку случување. Извештајот за работни места во САД имаше послаби резултати од очекувањата, корекцијата на Nasdaq Composite и влегувањето на Јапонската берза во опаѓачки пазар придонесоа за негативното расположение.
Сепак дел од аналитичарите сметаат дека реакцијата на пазарот е претерана. Нема цврсти докази за рецесија, а и криптовалутите на долг рок остануваат со одличен потенцијал.
Овој пад е одлична можност за заработка од акциите на техничките компании. Инвеститорите ќе можат да купат акции по поповолна цена, и да ги вратат парите откако инвестирањето во вештачка интелигенција е поопипливо, сметаат аналитичарите.