Независно за тоа дали се работи за книга или игра, Warhammer 40,000 универзумот отсекогаш имал посебно место во нашите срца. Во поглед на игрите, може да наидете на бројни наслови кои припаѓаат на различни жанрови, но една игра која целосно успеа да ги освои срцата на критичарите е чедото на Auroch Digital и Focus Entertainment. Warhammer 40,000: Boltgun е феноменален Boomer Shooter и во оваа прилика би сакале заеднички да поминеме низ трите клучни причини зошто е сега одлично време да ја проверите оваа ретро инспирирана пукачка игра во прво лице.
Што е Boomer Shooter?
Како неофицијален термин, Boomer Shooter од неодамна почна да означува “нов” жанр на игра. Всушност се работи на ретро инспирирана пукачка игра во прво лице каде фокусот е на брза, бесна и, обично, предизвикувачка (аркадна) акција, а не на реалистични пресметки. Ако некоја денешна игра потсетува на поголемиот број FPS игри од деведесетите години на минатиот век, тогаш таа игра се става во Boomer Shooter жанрот.#1 Одлична акција која неодамна доби нов мод, водич и исправки на бројни багови
Warhammer 40,000: Boltgun се игра како и секој друг Boomer Shooter, со една мала разлика: квалитетот е на исклучително високо ниво – од одличниот дизајн на мапите и непријателите, преку експлозивниот арсенал на оружја, па сѐ до адреналинската изведба на бројните способности на вашиот маринец. Иако започнувате во Boltgun како ултимативниот воин на царството и имате широк спектар од способности, секое ниво сепак успева да понуди нешто ново и пријатно да ве изненади. Нема никаков простор за монотонија или здодевност и сите моменти се исполнети со избезумено движење, сеење експлозивен хаос, откривање нови оружја или пак мистериозни тајни.
Низ месеците од нејзиното излегување, Boltgun редовно се надополнува со значајни содржини. Неодамна, бесплатното надополнување им дозволи на играчите да навлезат во целосно нов режим. Наречен Horde Mode, режимот ви дозволува да пробате да преживеете што е можно повеќе против бранови од неверници и демони. За разлика од кампањата, која беше препознатлива по огромни мапи со бројни скриени места, фокусот на Horde режимот е на целосна акција и крваво спротивставување на непријателите. Доколку решите да се навратите на кампањата, ќе наидете на значително подобрена навигација. Благодарение на новиот водич, многу полесно ќе можете да се снаоѓате низ големите мапи и точно ќе знаете во кој правец се наоѓа вашата цел.
Паралелно со овие два новитета, надополнувањето носи и бројни исправки и подобрувања низ сите поглавја од кампањата. Оваа надополнувaње се поклопува со излегувањето на првото платежно DLC и нашата втора причина зошто треба да ја играте Warhammer 40,000: Boltgun!
#2 Forges of Corruption е импресивно и релативно евтино DLC за Boltgun
Завршување на кампањата не значи и крај за забавата. Напротив, покрај горе-споменатиот horde мод, од неодамна имате можност да навлезете во целосно ново проширување за играта. Насловено како Forges of Corruption, експанзијата ви дозволува да навлезете во уште една кампања. Подразбирливо, кампањата е значително пократка, но концизно раскажува интересна приказна за омилениот воин на царот. Преку пет нови нивоа, ќе можете да истражувате целосно нови места, да се спротивставите на нови предизвикувачки непријатели и да користите еднакво-импресивни оружја.
Во Forges of Corruption едното ново оружје ги топи непријателите (Multi-Melta), а другото ги разнесува на стотици мали парчиња (Missile Launcher)
Доколку уживавте во основната игра, тогаш големи се шансите дека дополнително ќе уживате во проширувањето. Студиото има посветено подеднакво внимание на петте релативно долги и отворени мапи и на начинот на кој истите се пополнети со непријателите. Ова, во комбинација со новите непријатели, оружја и подеднакво добрата метал музика, допринесува до адреналински гејминг сесии кои долго ќе останат со вас.
#3 Одлична отскочна штица за долго-очекувана Warhammer 40,000: Space Marine 2
Со години внимателно го следиме развојот на Warhammer 40,000: Space Marine 2. Хајпот зад оваа игра е запрепастувачко голем и тешко ни е да поверуваме дека наследникот на играта од 2011 година конечно ќе излезе на 9 септември. Развојното студио Saber Interactive макотрпно работи да понуди достоен наследник на оваа акциона авантура. Space Marine 2, меѓутоа, дефинитивно не е Boomer Shooter туку чистокрвна ААА игра која се одликува со впечатлива кампања низ која можете да поминете сами или со уште двајца пријатели.
Во пресрет на судбината
За само месец дена, Warhammer 40,000: Space Marine 2 ќе ви дозволи да заиграте со една од шесте класи и да посеете апсолутен хаос над сите неверници и демони преку користење арсенал од деструктивни оружја и способности. Покрај ко-оп PvE, играта ќе се одликува и со комплексен PvP режим каде ќе навлезете во 6v6 натпревари. Златната верзија на Space Marine 2 се одликува и со сезонската пропусница.
Тоа беа нашите три причини зошто сега е одлично време да ја проверите Warhammer 40,000: Boltgun. За подетални информации за Space Marine 2, останете со it.mk!