Во организација на VIP, денес се одржа првото издание на конференцијата “Women in Digital”. Тема на конференцијата беше улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.
Конференцијата ја отвори Мислав Гелер, извршен директор на Вип, кој изјави дека Вип како компанија е доказ за родова еднаквост, па така од вкупно 1100 вработени 50% се жени, од кои 46% се на менаџерските позиции во компанијата.
“Водени од потребите на модерното живеење Вип секогаш се фокусира на креирање иновативни производи и услуги што на корисниците им овозможуваат поедноставен и поефикасен начин на комуникација. Како дел од моќната Телеком Австрија Групација, Вип во чекор ги следи модерните дигитални трендови и ја овозможува дигиталната технологија широко достапна за сите.”, вели Елена Панова, маркетинг директорка на Вип.
На конференцијата, за регионалните искуствата со дигитализацијата и моќта што таа им ја дава, особено на жените во современиот деловен свет, говореше Иван Скендер, директор за бизнис трансформација во Vipnet, а видео-обраќање имаше и Елизабета Кастаљони, главна извршна директорка во А1 Digital.
Говорејќи за активностите што ги презема Владата во сегментот на дигитализацијата, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, истакна:
“Процесот на дигитализација ги брише родовите разлики. Единствено што препознава се способноста, вештините и знаењата. Дигитализацијата како едно од главните обележја на нашето време е значајна за целокупниот развој на општеството. Владата прави големи напори во овој сегмент за да се создадат нови услови за иден развој. Во таа насока и е подготовката за Национален оперативен план за широкопојасен интернет кој ќе овозможи развој на брзи и супер брзи електронски комуникациски мрежи“.
Во рамки на коференцијата се одржа и панел дискусија во која земаа учество:
- Ира Стефанов-Бабиќ, извршна директорка на Бренд унион
- Венера Крлиу-Ханџиски, професорка на Универзитет Американ Колеџ Скопје
- Вилма Учета-Дузлеска, извршна директорка на Кроација осигурување – Живот
- Сузана Јошевска-Анастасовска, адвокатка – адвокатска канцеларија „Станковиќ-Јошевска“
- Драгана Чифлиганец, извршна директорка на Адора Инженеринг
- Славица Биљарска, ко-организатор на All Web конференција
Тие зборуваа за сопствените искуства кои ги стекнале низ годините работа во дигиталниот свет, како и влијанието кое технологијата го имала врз нивниот професионален успех.