Преку трогателен трејлер, The Witcher го слави десеттиот роденден и од сè срце се заблагодарува на фановите.
Низ видеото видовте дел од највпечатливите ликови кои започнаа да ви ја окупираат потсвеста уште од 2007 година.
Заснована на книгите на полскиот автор Андреј Сапковски, The Witcher успеа да ги заинтригира гејмерите со акциони RPG елементи и борбен систем кој, на времето, беше шармантно невообичаен. Играта беше напојувана од графичкиот енџин на BioWare, Aurora Engine, a се работеше и на верзија за конзолите која требаше да се одликува со нов енџин и борбен систем, но никогаш не ја виде светлоста на денот. Во меѓувреме, девелоперите CD Projekt RED ја надградија играта со над 200 нови анимации, дополнителни модели за NPC ликовите, ги проширија дијалозите, ја подобрија стабилноста, редизајнираа проблематични системи и го зголемија времето на вчитување за неверојатни 80%. Ваквата The Witcher Enhanced Edition им подари на гејмерите и две нови авантури, како и неколку поситни додатоци. Играта има 81 поен на Metacritic и држи солидно место во книгата „1001 игра кои мора да ги одиграте пред да умрете“.
The Witcher 2: Assassins of Kings е втората игра која излезе во 2011 година и инстантно ги освои фановите со неверојатно-богатиот свет кој влече дополнителна инспирација од игрите како Demon’s Souls, Heavy Rain и Batman: Arkham Asylum. Година подоцна, се исфрли подобрената едиција со 10GB содржини, почнувајќи од над четири часови нов гејмплеј и филмски сцени, преку арена модот, па се до бројни исправки во гејмплејот и корисничкиот интерфејс. Играта доби 88 поени на Metacritic, награда за „најдобрата европска игра“, како и „Игра на годината 2011“. И покрај тоа што The Witcher 2: Assassins of Kings немаше никаква DRМ заштита, до август 2011 успеа да се продаде во скоро еден милион примероци. До септември 2014 година, играта се продаде во 8 милиони копии. Ова беше сосема доволно за одлично трето продолжение.
The Witcher 3: Wild Hunt излезе во 2015 година и заедно со феноменалните проширувања допринесе до една од најдобрите остварувања во гејмерската индустрија. Со 93 поени на Metascore и зашеметувачки број награди, The Witcher 3: Wild Hunt се истакнуваше како задолжителен наслов кој никако не смее да се пропушти. И третата игра немаше никаква заштита и успеја да биде предвреме нарачана од 1.5 милиони луѓе и да собере 600% поголем профит од Assassins of Kings само во Велика Британија и тоа во првата недела од излегувањето. До март 2016 година, издавачите изјавија дека третата игра од овој серијал е продадена во скоро 10 милиони примероци.
Среќен роденден The Witcher! Искрено се надеваме дека пак ќе се видиме, во една или друга форма!







