Како големи фанови на roguelike игри, особено мило ни беше да ја откриеме Wild Woods. Се работи за игра со слатка графика, симпатични анимации и милозвучни звуци и музика. Згора на ова, гејмплеј механиките се ретко видени и крајно забавни, особено доколку решите да ја играте играта со уште тројца други пријатели.
Заедничка самотија
Wild Woods може да се игра соло или во ко-оп. Иако ние ја игравме сами Wild Woods, бројните гејмплеј механики се значително позабавни кога сте во група. Имено, имате за задача да штитите кочија. Но, не каква било кочиња. Оваа кочија се движи низ патот со спора брзина, влечејќи ја камерата со неа и принудувајќи вие да сте скоро секогаш во движење. Околу вас имате на располагање неколку ресурси: цепите дрво како би го палеле и одржувале огинот на коџијата. Овој огин ем ви осветлува ем ве штити од студот (кој може да ве успори, а потоа и оштети).
Цвеќето кое го собирате го користите за да правите лековит пијалак, а златото кое го собирате од, обично убиените непријатели го користите за отклучување способности, односно надградби. Колку и да се трудите нема да можете да ги соберете апсолутно сите ресурси околу вас, но она што ќе успеете е сосема доволно. Ние сме принудени да ги правиме сите овие работи сами. Но, кога би играле со некого, еден би можел да собира дрва, друг цвеќе, трет да се бори, а четвр да собира злато. Вака, сами, се потсетува на трчање како луд без глава и трудење да се испофаќаат што е можно повеќе конци, што, искрено, и не е толку лоша работа. Ни се допадна ваквиот хаотичен пристап во Wild Woods.
Како и да е, од време на време, ќе наидувате на раскрсници. Овде, ќе мора да одлучите во кој правец да се движи кочијата (ако играте со некого, ќе мора да гласате). Во зависност од донесената одлука, ќе наидете на различни опасности. Или прилики. Како и секој друг roguelike, невозможно е да се предвиди што би се случило. Некои патишта ќе се одликуваат со одредени предизвици, како потешки непријатели или постудено време. Во зависност од тоа како ќе се справите со непријателите, ќе добиете одредена бројка значки. Оваа валута подоцна се користи за корисни работи во безбедните кампови.
Во моментот кога ќе стигнете во безбеден камп, ќе можете да направите неколку активности. Може вие да се надградите, да ја надградите кочијата, или пак да тргувате со насобраните ресурси. Во поглед на надградби, можете да го подобрите огнот повеќе да осветлува или, пример, да исфрла искри кон непријателите. Пијалаците може да зголемуваат одредени ваши параметри, како брзина или напад, и слично. Некои надградби значително помагаат во вашите авантури, како на пример, успорување на кочијата и блеењето на Роузи за да знаете дека има некоја пречка пред вас. Дополнително, сосема случајно може да ви се понуди можност и за поставување топ или тотем. Има бројни вакви ситуации и секоја од нив воведува различна свежина во играта.
Во некои ретки ситуации се случуваше да некои звуци не се слушаа, како удирање или собирање ресурси. Покрај ова, не бевме преголеми фанои во ситуации кога кочијата поминуваше низ тесни мостови, при што и ние и непријателите се главеа околу кочијата. Надвор од ова, навистина немаме преголеми забелешки. Се на се, се работи за квалитетна игра во раниот пристап на Steam. Со нетрпение чекаме да видиме како ќе се одвиваат работите во иднина.