Warcana e исклучително невообичаена игра. Комбинирајќи клучни елементи од жанрови со battle royale, base defence, RTS и deck-building, оваа стратегија нуди богато искуство каде се соочувате со илјадници најразлични чудовишта на триесетина врвни магионичари.
Неконтролиран хаос од епски пропорции
Warcana е игра со едноставна идеја, но крајно комплексна изведба која, обично, завршува со хаотично бојно поле над кое имате многу мала или никаква контрола. Ваша задача е да издржите бранови од легија непријатели, а кога велиме легија, навистина мислиме на легија – над стотици илјади суштества ќе поминуваат низ портали, ќе трчат самоубиствено и ќе рушат се што ќе биде пред нив.
Ваша задача е да подигнете ѕидини и да поставите најразлични кули. Овие одбрамбени механизми и ваши лични армии ги влечете преку шпил од карти. Секоја од картите се одликува со сопствено технолошко дрво и бројни способности кои се поврзани со повикување згради, единици или пак магии. Штом започне фазата на напаѓање, хаосот е до тој степен огромен и непредвидлив, да во одредени моменти доживувавме вистински анксиозни напади и не знаевме како да се справиме со огромната навалица од непријателски суштества.

Кампања за еден играч или мултиплеер?
Warcana ви дозволува да се впуштите во внимателно осмислена кампања за еден игра и да поминете низ 30 сценарија. Почетните сценарија се замислени да ве воведат во играта и правилно да ве запознаат со бројните клучни механики во играта. Од еден аспект, кампањата ни делуваше како еден огромен туторијал кој ве подготвува за начинот на кој играта е осмислена вистински да се игра – преку мултиплеерот.
Мултиплеерот е еден вид Battle Royale. На располагање имате мод каде се соочувате преку 30 играчи. Во кое било време вие, како еден од 30-те играчи треба да се соочоте со ордите на двајца други директни непријатели. Покрај ова, го имате и таканаречениот Horde моде каде се натпреварувате за највеќе освоени поени.
Независно од тоа кој режим ќе го проверите, Warcana е страшна игра, особено кога ќе зумирате и ќе го погледнете непоколебливото движење на легијата од чудовиштата. Секоја од картите е внимателно осмислена и ќе изгубите бројни часови во правилно осмислување на вашиот идеален шпил од карти.




Од неодамна, Warcana излезе од раниот пристап на Steam. Голем дел од работите што ги споменавме погоре, станаа целосно овозможени со верзијата 1.0. Развојното студио 1000 Orks продожува да работи на играта и континуирано исфрлува закрпи со значајни балансирања на механиките, како и со бројни исправки на багови. Сами или со пријатели, Warcana е одлична масовна стратегија.

Повеќе детали за играта
- Произведува: 1000 Orks
- Издава: Team17
- Жанр: стратегија
- Платформа: Microsoft Windows
- Ќе излезе на: 29 август 2024