Двете големи американски компании Apple и Google оваа недела ја дознаа одлуката на европските судови. Жалбите и на двете компании се одбиени и ќе треба да платат високи казни. Apple ќе плати 13 милијарди евра неплатен данок, а Google треба да плати казна од 2,4 милијарди евра. Двете компании заедно треба да платат над 15,4 милијарди евра.
Apple ќе мора да го врати данокот во Ирска
Само неколку часа откако Apple ги претстави новиот iPhone и Apple Watch највисокиот европски суд ја потврди пресудата против Apple. Европскиот суд на правдата ја донесе својата конечна пресуда против Apple во вторникот. Со ова заврши децениската судска сага околу даночните обврски на компанијата во Ирска. Случајот започна уште во 2016 година, кога Европската комисија ја задолжи Ирска да поврати до 13 милијарди евра неплатени даноци од Apple. Заедно со каматата од 1,2 милијарди евра, сумата која Apple треба да ја плати е 14,3 милијарди евра. По објавувањето на пресудата, акциите на Apple паднаа за еден отсто, пренесе CNBC.
Европската комисија ја отвори истрагата за плаќањето на данок на Apple во Ирска во 2014 година. Две години подоцна во 2016 година, Комисијата побара од Даблин да врати 13 милијарди заостанати даноци од Apple. Европската комисија процени дека даночните повластици кои Ирска и ги дава на компанијата не се легални.
Ирска и Apple ја обжалија одлуката во 2019 година. Во 2020 година, вториот по големина европски суд процени дека извршната власт не успеала да докаже дека Ирска му дала на Apple даночна предност и ја поништи одлуката на Европската комисија од 2016 година.

Комисијата ја обжали таа одлука и го однесе случајот пред Судот на правдата. Највисокиот европски суд во вторникот ја поништи одлуката на Европскиот општ суд и ја потврди првичната пресуда од 2016 година. Со ова, Европскиот суд на правдата по речиси 10 години стави точка на случајот.
„Овој случај никогаш не беше за тоа колку данок плаќаме, туку за тоа на која влада сме обврзани да го платиме. Ние секогаш ги плаќаме сите даноци кои ги должиме каде и да работиме и никогаш не постоел некаков специјален договор,“ изјави портпаролот на Apple. „Европската комисија се обидува ретроактивно да ги промени правилата и да игнорира дека, како што бара меѓународното даночно право, нашиот приход веќе беше предмет на оданочување во САД“.
Сепак, одлуката на судот значи дека компанијата добила нелегални даночни поволности од Ирската влада, односно Ирска им дозволила да плаќаат многу помал данок отколку што би требало според правилата на ЕУ.
Оваа пресуда ја зајакнува позицијата на Европската унија во борбата против големите технолошки компании кои ја користат европската регулатива за да добијат поволни даночни услови. Пресудата го истакнува принципот дека сите компании мора да ги почитуваат истите даночни правила и спречува поединечни земји да им даваат посебни поволности на големите корпорации.
Потврдена казна и за Alphabet
Ниту Alphabet немаше подобар ден. Компанијата ја изгуби жалбата пред судот и ќе мора да плати казна од 2,42 милијарди евра. Alphabet ја доби казната откако Европската комисија проценила дека компанијата ја злоупотребила својата доминантна позиција на пазарот, користејќи ја својата услуга за споредување на цени за да стекне неправедна предност пред помалите европски конкуренти.

Европската комисија утврди дека Google го фаворизирал сопствениот сервис за споредување на цени во резултатите од пребарувањата, потиснувајќи ги помалите конкуренти. Ова однесување се сметало за антиконкурентно и штетно, како за другите компании, така и за потрошувачите, бидејќи не дозволувало фер конкуренција на пазарот.
Комисијата го казни Google во 2017 година, по што компанијата ја обжали пресудата. Одлуката на Комисијата веќе беше потврдена и од понискиот суд во 2021 година. По ова Google поднесе жалба до Европскиот суд на правдата во Луксембург, а ова е одлука по тоа барање.
„Со оглед на карактеристиките на пазарот и специфичните околности на случајот, однесувањето на Google беше дискриминаторскo и не спаѓа во опсегот на конкуренцијата според понудената услуга“, рекоа судиите.
Со оваа казна Google „насобра“ казни во висина од 8,25 милијарди евра поради нарушување на конкуренцијата, пренесе Rte.ie.







